Макрон јасен: Прво реформи, па датум за Македонија
Емануел Макрон стави вето за Македонија на октомврискиот Самит, а сега во изјава за „Економист“ најави дека нашата земја може да добие датум за преговори уште во март, но за тоа мора да се направат реформи во државата и во самата ЕУ.
Макрон е подготвен да даде зелено светло за преговори, но само ако Северна Македонија и Албанија да спроведат реформи, а ЕУ да направи промена и нова методологија за проширување. Според зборовите на францускиот претседател, нашата земја може да се надева на почеток на преговори уште на Самитот во март.
„Да се реформираат процедурите за пристапување пред да се отворат преговорите. Доколку направиме реформи во следните неколку месеци, подготвен сум да се отворат преговори. Доколку и тие (земји, н.з.) направат дополнителни напори кои им преостануваат. Но, потоа не сакам никој повеќе да влегува во членство додека не ја реформираме ЕУ. Мислам дека тоа е предуслов, неопходен и искрен“, истакна Макрон за „Економист“.
Макрон се осврна и на Самитот во октомври, откривајќи притоа како се одвивала дебатата околу датумот за преговори. Тој тврди дека најголемиот број лидери сакале да започнат преговори со Македонија, но речиси половина биле против Албанија. Според него, тоа би било фатална грешка, бидејќи смета дека двете земји мора да бидат во пакет.
„Прашајте ги утре дали сакаат преговори со Албанија. Половината ќе ви кажат не. Сакаат да отворат со Северна Македонија, тоа е мала земја, го сменија името и тоа е навистина историско постигнување. Таа не ги плаши луѓето. Но реалноста е дека доколку не отворите и со Албанија создавате ужасна траума во регионот. Албанските јазични заедници се насекаде. Доколку ја понижите Албанија, ќе направите трајна дестабилизација на регионот“, тврди Макрон.