Макрон: Големиот мајстор на театралноста

Реторичките бомби на францускиот лидер покажуваат несериозност - тие исто така ја поткопуваат украинската кауза


Еве се случи уште еднаш, голема изјава на францускиот претседател Емануел Макрон.

„Ништо не треба да се исклучи“, рече тој минатата недела, одговарајќи на прашањето дали земјите од НАТО би можеле да испратат војници да помогнат во одбраната на Украина. „Се е можно ако е корисно да ја достигнеме нашата цел“, додаде тој. „Русија не смее да победи во оваа војна“.

Дадена  сосема намерно по состанокот на европските лидери за да разговараат за тоа како да и се помогне на Украина, изјавата на францускиот претседател експлодираше како бомба. И можеби тоа беше поентата.

Макрон сака да фрла реторички бомби одвреме-навреме. Се сеќавате како тој еднаш зборуваше за „мозочната смрт на НАТО“ само неколку недели пред лидерскиот самит свикан во Лондон? Или кога го повика Западот „да не ја понижува Русија“ три месеци по нејзината брутална инвазија на Украина?

Секоја од овие изјави крева веѓи во коридорите на моќ на Западот. А, сепак, поголемиот дел од времето, изјавите на францускиот претседател беа отфрлани како нешто повеќе од грандиозни – слично како неговите патувања во Москва и неговите чести повици до рускиот претседател Владимир Путин во бесплоден обид да се спречи, а потоа и да се запре инвазијата на Русија.

Тоа е затоа што таквите обиди беа малку повеќе од залудни истрели за преземање на лидерската улога – како што тоа обично го прават француските претседатели. Шарл де Гол, на пример, направи кариера од тоа, повлекувајќи ја Франција од воената команда на НАТО (добро знаејќи дека САД сепак ќе треба да ја бранат земјата доколку Европа биде нападната). Потоа, тој распореди нуклеарна сила што ќе ги одврати заканите, како Британија и Америка да претставуваат голема закана за Франција како и Советскиот Сојуз.

Години подоцна, Никола Саркози направи сличен потег. Свикувајќи состанок во Елисеј за да разговара за граѓанската војна во Либија, тој објави – без никакво предупредување – дека француските авиони веќе полетале за да ги бомбардираат силите на тогашниот либиски лидер Моамер Гадафи, кои му се заканувале на градот Бенгази.

„Франција одлучи да ја преземе својата улога пред историјата“, гордо прогласи Саркози. Меѓутоа, во рок од неколку денаНАТО мораше да преземе операција која француските сили едноставно не беа во можност сами да ја изведат.

И сега Макрон ја презеде мантијата на велемајсторот.

Минатата година, францускиот претседател отпатува во Братислава непосредно пред друг самит на НАТО, каде што им кажа на источноевропските функционери дека цело време биле во право за Путин, и дека Франција сега ќе ги води напорите Украина да влезе во НАТО. Се разбира, тој тоа го направи знаејќи добро дека и Берлин и Вашингтон ќе спречат такво нешто да се случи наскоро. Се чини дека добивањето поени без да плати цена е вкоренето во ДНК-та на Макрон. И во таа смисла, неговата последна изјава е само уште еден  обид француски претседател да освои геополитички поени. Меѓутоа, овој пат, наместо реплика за отфрлање, коментарите на Макрон можеби открија посериозно размислување.

Неколку недели претходно, началникот на францускиот одбранбен штаб, генерал Тиери Буркхард, им пиша на половина од своите колеги од НАТО, истражувајќи ја можноста за коалиција на земји што се подготвени да преземат одредени задачи од Украина – вклучително управување со одбранбени системи, обука на сили во земјата, започнување сајбер операции. и нудење помош при деминирање. Ниту еден воен лидер не би испратил вакво писмо без јасна поддршка од највисокото политичко раководство на неговата земја. И секој сојузник, ми велат, реагирал со бесно „WTF“? Тие јасно ставија до знаење дека нивниот одговор е категорично не.

А сепак, се чини дека Париз не слушаше  бидејќи Макрон јавно ја истакна можноста, и покрај јасниот одговор на неговите сојузници, што беше повторено од лидерите собрани во Париз пред неговата прес-конференција. Наместо тоа, францускиот лидер луто забележа: „Денес нема консензус за официјално испраќање копнени трупи“.

Така, реакцијата беше брза и целосно предвидлива. Лидерите на НАТО јавно ја осудија идејата за испраќање европски или сојузнички трупи во Украина, при што американскиот претседател Џо Бајден, германскиот канцелар Олаф Шолц, полскиот премиер Доналд Туск, генералниот секретар на НАТО Столтенберг, меѓу другите, сите рекоа дека тоа нема да се случи .

Нивното размислување беше исто така јасно. САД и другите лидери на НАТО ја отфрлија можноста за испраќање војници во Украина од самиот почеток на војната – дури и пред Русија да ја започне својата целосна инвазија. Политиката отсекогаш била дефинитивна: Да, да се направи се за да и помогне на Украина да се одбрани, но не за какво било директно воено учество. „Нема да се бориме во третата светска војна во Украина“, објасни Бајден.

Па, зошто тогаш да се отвори оваа Пандорина кутија?

Една од причините можеби беше Макрон конечно да одговори на зголемениот притисок на сојузниците за испраќање поголема воена помош за Украина. Шолц и другите постојано го покренуваа ова со Макрон, а канцеларот дури го замоли Бајден да ја поттикне точката кога двајцата се сретнаа во Вашингтон на почетокот на февруари.

Воената поддршка на Франција за Украина е навистина мала – барем во споредба со онаа на Германија. Досега, Франција има посветено околу 2,6 милијарди евра (и вети „до“ 3 милијарди евра за 2024 година), додека Германија даде 17,7 милијарди евра директна воена помош во изминатите две години. Но, додека Париз тврди дека неговите придонеси се воено позначајни – вклучувајќи ги и ракетите со долг дострел што Берлин одби да ги испорача, на пример – неговиот целокупен напор сериозно недостасува.

И самиот Макрон не направи малку за да ја отфрли идејата дека е испровоциран од германската критика. „Многу од луѓето кои велат „никогаш, никогаш“ денес беа истите луѓе кои велеа „никогаш, никогаш тенкови; никогаш, никогаш авиони; никогаш проектили со долг дострел;  никогаш ова пред две години“, рече Макрон, јасно алудирајчи на  Германија. „Ве потсетувам дека пред две години, многумина околу оваа маса велеа: „Ќе понудиме вреќи за спиење и шлемови“, додаде тој.

Но, бидејќи финансирањето на Украина пропаѓа во американскиот Конгрес поради внатрешни несогласувања, прашањето како најдобро да и се помогне на Украина останува сериозно и важно. А за да одговори на тоа, Западот мора да ги разгледа сите опции, вклучително и оние кои претходно беа исклучени. Сепак, тоа треба да се направи тивко, зад затворени врати. Фрлањето реторички бомби покажува несериозност – и ја поткопува каузата. (Иво Далдер, поранешен амбасадор на САД во НАТО за Политико)