Макрон ги спои Зеленски и Трамп во Париз


Доналд Трамп, избран за американски претседател е втората „ѕвезда“ на денот, покрај вечерашното отворање на Нотр Дам во Париз, после големиот пожар кој ја погоди катедралата.Негов домаќин е Емануел Макрон кој го прими во Елисејската палата со срдечен стисок на рацете, покрај накитената новогодишна елка во дворот и неколку застанувања пред камерите со повторни поздравувања, пишува Новости.

-Голема е честа за францускиот народ повторно да ве пречека, порача Макрон.
 
Во сличен тон се обрати и Трамп кон својот домаќин.

 

-Многу сработивме заедно во минатото. Го почитуваме и го сакаме францускиот народ, изјави Трамп.

И покрај тоа што во Белата куќа Трамп ќе влезе на 20 јануари, Макрон го прими како државник кој веќе ја презел функцијата. Во Елисејската палата за високиот гостин од Америка пред голем број новинари од целиот свет, се распослал црвениот тепих и се построила гардата.

Ова практично беше единствената прилика да се водат важни разговори со избраниот но уште неинагуриран претседател. Но, нема време за губење, имајќи ја предвид светската ситуација. Доаѓањето на Трамп во Париз во дипломатските кругови се оценува како да е негов најважен состанок пред почетокот на мандатот.

Трамп имал закажан состанок во Елисејската палата во 16 часот, но доцнел 45 минути, што за многумина било добар знак, бидејќи после него, во 17 часот состанок имал закажано украинскиот претседател Володимир Зеленски. Така судбината на Украина можела да се крои во „триаголник“ меѓу Макрон, Трамп и Зеленски. 

Познато е дека Трамп сака крај на војната. Ова е прилика идниот претседател на САД да ги соопшти своите планови и начинот на кој мисли дека треба да се дојде до крај на војната меѓу Москва и Киев. Тој ветуваше дека намерата му е војната да прекине за 24 часа откако ќе влезе во Белата куќа, како и дека сака да го сопре испраќањето на воена помош, што Зеленски вечерва можел да го слушне од прва рака.

Друга важна тема на состанокот меѓу Макрон и Трамп е прекинот на војната во Газа. Идниот американски претседател сака тоа да се оствари до 20 јануари. Исто така веќе тој стави до знаење дека доколку заложниците не бидат ослободени до тогаш, ќе има „страшни последици“.

Макрон моментално се наоѓа во политичка криза, но надежта постои бидејќи во Париз се надеваат дека би можеле да бидат посредници во прекинот на војната во Украина и Газа.