Макрон: Европската иднина на Србија е нејзиниот вистински пат


Претседателот на Франција, Емануел Макрон, денеска изрази уверување дека местото на Србија е во Европската Унија, како и дека се надева оти земјата ќе напредува на патот кон членството во блокот.

Макрон на Х напиша дека за време на телефонскиот разговор со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ги разгледале сите аспекти на односите меѓу Србија и Франција и одлучил дополнително да ја зајакне соработката меѓу двете земји.

– Повторно му го изразив (на Вучиќ) своето уверување дека европската иднина на Србија е нејзиниот вистински пат, како и мојата надеж дека ќе напредува на тој пат на реформи и пристапување во духот на дијалог, наведе тој.

Макрон додаде дека со Вучиќ разговарал и за ситуацијата во регионот, и дека Франција придава значење на стабилноста, единството и суверенитетот на Босна и Херцеговина (БиХ), како и на почитувањето на владеењето на правото.

– Потсетив на важноста на дијалогот меѓу Србија и Косово и на нашата осуда на сите еднострани потези што би можеле да го загрозат, се додава во објавата.

Макрон заклучи дека Европа, со земјите од Западен Балкан, ќе ја оствари и прифати својата судбина во единство, солидарност и одговорност.

Вучиќ претходно денеска на Инстаграм објави дека со Макрон разговарал за билатералните односи и ситуацијата во БиХ, како и дека му рекол дека Србија „останува посветена на сите процеси кои имаат за цел зачувување на мирот, соработката и просперитетот“.