Макрон: Европа не може да ја остави својата безбедност на Американците


Францускиот претседател, Емануел Макрон, денеска изјави дека Европа мора да го заштити својот суверенитет, стратешката автономија и пазар наместо да зависи од другите. На самитот на европската политичка заедница во Будимпешта тој порача дека мора да се изгради Европа која е одбранбено способна да биде безбедна. Како што рече, Европа мора да игра важна улога во НАТО алијансата.

„Тоа е стратешка улога што ние во Европа мора да ја сфатиме сериозно. Не можеме да ја оставиме нашата безбедност на Американците. Без разлика дали сте членка на Европската унија или не, ние мора да се погрижиме да имаме европски преференци во нашето индустриско производство. Мораме да се погрижиме да имаме безбедност во нашите земји, на југ, на исток, на запад“, рече Макрон.

Францускиот претседател посочи дека Европа мора да се погрижи да биде обединета и да ги брани сопствените проблеми со сајбер напади и дезинформации.

„Мораме да ги заштитиме нашите демократии, нашите демократски правила“, рече Макрон и упати  молба за европски суверенитет како одговор на изборот на Доналд Трамп, за што смета дека е  „одлучувачки момент во европската историја“.

„Европа мора да одлучи дали ќе ги брани интересите на Европејците или ќе бидеме слуги на другите. Дали нашата историја ќе ја пишува Владимир Путин, со неговите инвазии? Или Америка со нејзините избори? Или кинеската технологија? Мораме да преземеме чекори сами да ја напишеме [европската] историја. Тоа не значи безусловен атлантизам или напуштање на нашите сојузи или предавање на неконтролиран национализам. Со обединување ние можеме да ја обликуваме нашата иднина, наместо да станеме само клиенти на другите“, порача Макрон.

Според него, алтернативата е континуираната зависност од каприците на американските гласачи.