„Макпетрол“: Повторно лажна наградна игра


Интернет-страници кои што од корисниците бараат да препратат порака на пет онлајн-групи во кои што членуваат или на 20 свои пријатели, лажно тврдат дека е во прашање наградна игра на „Макпетрол“, информираат од компанијата.

– Компанијата категорично ги негира овие тврдења, нагласува дека се работи за лажни вебсајтови и од граѓаните бара да не препраќаат пораки ниту во онлајн-групите во кои што членуваат, ниту на своите пријатели. Во лажните пораки се наведува дека споделувањето носи награда од 10.000 денари, што е целосно неточно, велат од „Макпетрол“ и додаваат дека наведената лажна наградна игра е пријавена кај надлежните институции.

Укажувааат дека е во прашање компјутерска измама која што, како што посочуваат, може да ја загрози безбедноста на корисниците, нивните електронски уреди, лични податоци, но и тие на кои што пораките евентуално би биле препратени.

– Единствени официјални и активни интернет-страници на компанијата се www.makpetrol.com.mk и www.verna.mk. „Макпетрол Ultra“ е официјален профил на Facebook. Традиционално, „Макпетрол“ секоја година ја организира ВЕРНА наградната игра и таа се одвива според сите законски нормативи и процедури. Подвлекуваме дека граѓаните треба да бидат особено внимателни, бидејќи сите пораки кои наликуваат на наведените веб-страници се лажни и на никој начин не се поврзани со „Макпетрол“, истакнуваат од компанијата.