„Макпетрол“ освои најмногу медали на државното карате-првенство


Со девет медали „Макпетрол“ е најуспешен карате клуб на Државното сениорско првенство што викендов се одржа во Скопје. Екипата се закити со пет златни, три сребрени и едно бронзено одличје. Злато во поединечна конкуренција освоија: Симона Заборска (-55 кг.), Ангела Мојсовска (-68 кг.), Петар Спасеновски (-84 кг.) и Стефан Стојановиќ (+84 кг.). „Макпетрол“ освои и прво место во екипна конкуренција, со тимот во состав: Петар Заборски, Петар Спасеновски, Стефан Стојановиќ, Данило Божович и Спасо Илиевски.
 
Сребрено освоија Викторија Јовановска (-61 кг.) и Данило Божовиќ (+84 кг.), додека со бронза се закити Јована Мицовска (-61 кг.). Во женска екипна конкуренција „Макпетрол“ се пласира на втората позиција со тимот во состав: Симона Заборска, Ангела Мојсовска, Викторија Јовановска и Јована Мицовска. Во вкупниот пласман на државното првенство втор е „Олимпик спорт 2007“, а потоа следуваат „Сансаи Метал Апостолов“, „Штип“, „Башкими“ и „Фунакоши Гичин“.
 
Државното првенство е најважно затоа што има изборен карактер за влез во сениорската карате репрезентација што треба да настапи на следното европско првенство. Тренерот на „Макпетрол“, Бошко Заборски, изјави: 
– За ова првенство имаме многу сериозни забелешки на делењето на судиската правда. Многу судиски одлуки неправедно беа досудени во наша штета. Неколку пати во текот на првенствата во неколку борби за медал, кога не беа досудени поени за нас, судиите на побараното прегледување (Ревју) на снимките од наша страна, одговараа дека од поставените камери наводно не се гледа дали е поен или не е поен техника и не ги прифаќаа нашите по правила дозволени тренерски реакции. Ова не е нов момент за нас, ние се бориме со оваа ситуација скоро две децении, навистина не знаеме која е причината и зашто одредени судии, немаат исти критериуми кога е во прашање досудување на поени за клубот и спортистите од „Макпетрол“. Следната недела има натпревар во плеј-оф, кога освојувачите на медали (првите четворица), во борба секој со секого, ќе треба да се изборат за конечниот влез во репрезентацијата. Се надеваме дека судиската организација ќе се консолидира, ќе ги исправи аномалиите и ќе постапува непристрасно, како што доликува на нивните судиски звања кои ги поседуваат – истакна Заборски.