„Макпетрол“ е најтрофеен клуб во историјата на карате-спортот на Македонија


Со освоените 15 медали, од кои осум златни, „Макпетрол“ на неодамнешното државно првенство повторно ја истакна својата доминација во карате-спортот. Ова е уште една потврда за фактот дека во периодот од 2001 до годинава, оваа скопска екипа е убедливо најуспешната во земјава. Епитетот најтрофеен е добиен поради најголемиот број освоени медали на сите натпреварувања организирани од националната карате федерација (КФРСМ), Европската (ЕКФ), како и Светската карате федерација (WKF).

2008
2012
2022

Во периодот 2001-2025 година, „Макпетрол” на државни првенства освоил вкупно 953 медали – 409 златни, 289 сребрени и 255 бронзени. Најголемиот број медали клубот ги освоил на сениорските државни првенства, како и на државните првенства за помлади сениори (У21). На овие највисоко рангирани државни првенства, освоени се вкупно 462 медали – 218 златни, 148 сребрени и 96 бронзени.

Во системот на натпревари на КФМ од 2009 година беше воведен дополнителен државен натпревар по Бергер-систем, којшто е еден од критериумите за избор на репрезентацијата. На овој турнир, најдобрите четири спортисти, освојувачи на медали од државното првенство за дадената година, се натпреваруваа секој со секого во својата категорија и победникот од секоја категорија се стекнува со статус државен репрезентативец на Македонија. Во периодот 2009-2025 година „Макпетрол“ освоил 358 медали на на овие државни натпрвари. Резултат од ова се 147 членови на скопскиот клуб кои станале македонски репрезентативци и учествувале на Европски и на Светски првенства.
 
– Сите освоени медали имаат тежина и вредност, но сениорските се највредни и најтешки за освојување, затоа тие во спортот имаат и највисок рејтинг. Во секој спорт, сениорските постигнувања се највисоко рангирани резултати. Клубовите кои имаат сениорски тимови се највисоко рангирани клубови во државата. Бројот на освоени медали вo категорија (сениори) го дава точно утврдениот ранг за успешноста на клубот. Може да констатираме дека карате клубот „Макпетрол“ од Скопје е историски најуспешниот спортски колектив кој константно придонесувал за успешноста и развојот на карате спортот во Македонија – истакнуваат од карате клубот „Макпетрол“.