Македонското заменето со албанско знаме на врвот на Кораб


На социјалната мрежа Фејсбук од пред два дена е објавено видео на кое се гледа како едно лице најпрво го отстранува македонското знаме и го закачува албанското знаме на јарбол поставен на врвот Голем Кораб.

Видеото е објавено од Изет Шулку, на чиј профил пишува дека живее во албанскиот град Пешкопија. На него се гледаат уште две други лица како стојат покрај триаголниот јарбол додека Шулку ги заменува знамињата.

Во врска со видеото објавено на социјалните мрежи каде од страна на едно лице на Кораб е симнато македонското знаме и е поставено знаме на Република Албанија, Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека по преземени мерки од страна на Одделот за компјутерски криминал утврдено е дека се работи за лице кое не е државјанин на Северна Македонија.

Оттаму додаваат дека се преземаат дополнителни мерки за расчистување на случајот, за што јавноста ќе биде соодветно известена.

Претходно, на Фејсбук профилот на албанскиот државјанин, Изет Шулку, сопственик на ресторан, беше објавено дека го отстранил македонското знаме од врвот Голем Кораб и поставил албанско знаме.

Во објавеното видео на неговиот Фејсбук профил, тој вели дека „македонското знаме не припаѓа на албанските територии, туку само албанското знаме“ и на крај силно извикува Албанија.