Македонското малцинство во Бугарија е потврдено и со одлуки во Стразбур, вели Пендаровски
Претседателот вели дека и во минатото и сега е дека е потребна конструктивност во билатералните односи и решавање на отворените прашања
Претседателот Стево Пендаровски порача дека е потребна конструктивност во билатералните односи меѓу Македонија и Бугарија и во напорите за решавање на отворените прашања, а постоењето на македонцското малцинство во соседната држава е факт, кој е потврден и од Стразбур.
На прашањето на МИА да даде коментар на вчерашното соопштение на бугарското Министерство за надворешни работи, во кое меѓудругото има забелешка за „неодамнешните јавни коментари на политичари од соседната земја и лажните изјави од нивна страна за Бугарија“, од Кабинетот на Пендаровски ни одговорија дека ставот на претседателот и претходно и сега е дека е потребна конструктивност во билатералните односи и решавање на отворените прашања.
„Во врска со соопштението на Министерството за надворешни работи на Бугарија, ве информираме дека ставот на претседателот Пендаровски и во минатото и сега е дека е потребна конструктивност во билатералните односи и решавање на отворените прашања, со оглед на тоа дека и нашата држава претендира да биде дел од Европската унија каде што заедно со Бугарија ќе биде упатена на уште поголема соработка“, велат од Кабинетот на претседателот.
На дента кога Собранието на Бугарија ја прифати оставката на премиерот Николај Денков, а шефицата на дипломатијата, Марија Габриел е во Букурешт на конгресот на Европската народна партија, бугарското МНР ја повика македонската амбасадорка во Софија, Агнеса Руси-Поповски, за да ѝ укаже за наводните јавни коментари на некои политичари во Македонија за Бугарија. Бугарското МНР тврди дека тоа се „лажни изјави во однос на Бугарија“. Односите со Бугарија и измените на Уставот се појавија во преден план на преткампањата за претседателските и парламентарните избори.
Софија сака што помалку да се зборува за тоа, па во соопштението на нивното МВР се вели:
„Министерството за надворешни работи категорично се противи на обидот Бугарија и нашите билатерални односи да се вклучат во внатрешната политичка дебата во Република Северна Македонија, вклучително и во контекст на актуелната изборна кампања.
Бугарија постојано одржува конструктивен тон и се воздржува од коментирање на постојаните провокации во јавниот простор на Северна Македонија. За жал, очигледно е дека овие напори на Бугарија не се разбрани и ценети од одредени фактори во Скопје, кои продолжуваат да ја користат нашата земја како изговор за недостигот на напредок пред своите граѓани“.
Комитет за елиминација на расна дискриминација при ОН на 10 декември, на – Меѓународниот ден на човековите права упати апел до Бугарија да ги гарантира правата на македонската етничка заедница.
Во извештајот за Бугарија Комитетот порача таа да ги разгледа сите можни средства за гарантирање на човековите права на припадниците на малцинските етнички заедници, вклучувајќи ги македонската и помачката етничка група и да ги имплементира релевантните пресуди на Европскиот суд за човекови права кои се однесуваат на правото на слобода на изразување и на здружување.
Комитетот е загрижен поради извештаите дека на членовите на македонските малцински групи им е забрането слободното остварување на правото на слобода на собирање и слобода на здружување.