Македонските земјоделци се иноватори на нови вкусови: луто слатко од пиперки со темно чоколадо, џемови од домат…
За продажба на преработените земјоделски производи најчесто се користат социјалните мрежи и се’ се распродава од дома, многу малку останува за на пазарите

Преработените земјоделски производи носат поголем профит за земјоделецот отколку да се даде производот како суровина. Дополнителна придобивка е кога земјоделецот ќе ги брендира своите производи и ќе ги понуди на пазарот. За продажба на преработените земјоделски производи најчесто се користат социјалните мрежи и се’ се распродава од дома, многу малку останува за на пазарите. Ова се заклучоците од манифестација „Незаменливиот вкус на традицијата“ во организација на Здружение за едукација на земјоделците „Зелена берза“ – Битола што се одржа во Битола.
Македонската храна и автентичните вкусови за овие простори споени во нашата традицијата продолжуваат да се пренесуваат од генерација на генерација, а битолскиот саем на традиционална храна живее веќе петта година по ред со финансиска поддршка од МЗШВ.
Александра Лозановска од Демир Хисар, по професија е дипломиран машински инженер, но одлучи да се заминава со производство на здрава храна и да го формира брендот „Моја бавча“.
Александра работи сама еден декар земја, нивата ја копа рачно, и се што произведува е органско и не третирано со хемикалии. Таа вели дека ако земјоделските производи се продаваат како суровина на откуп се обезвреднува нивната цена и не ги покрива ни производните трошоци, затоа препорачува суровината да се преработува и да се продава како готова храна.
„Произведувам овошје и зеленчук и сето тоа го нудам од семка до готов производ во тегла. Најмногу во моите производи се застапени пиперката капија и се од бавчата за да стигнам до готов производ. Овошјето дел го произведувам, а дел го берам на планина, како капини, боровинки. Мојата храна е органска и јас се определив за преработка на земјоделските производи, оти ако ги продавам како суровина се евтини, а кога ќе ги преработам во тегла си има подруга цена. Но, со трудот што го вложувам сакам потрошувачите да пробаат што значи здрава храна, она што го јадеме ние на село, да го јадат и тие в град“, изјави Лозановска.
За споредба, килограм пиперка капија прва-втора класа се откупува по мизерни 20 денари, додека преработена пиперка во зимница во тегла од 220 грама е 200 денари, во поголема тегла од 370 грама – 350 денари, додека големата тегла од 720 грама е 600 денари за зимница. Преработен домат во кечап во тегла од 220 грама е 160 денари, поголемата тегла е 250 денари.
Земјоделците не се само земјоделци производители, туку веќе се и иноватори на нови вкусови. Така од производите на Александра може да се вкуси нешто ново и необично, како луто слатко од пиперки со темно чоколадо, џемови од домат, од бела слива, од круша со лаванда и нане, капина, рибизла, од јаболко со ванила и цимет, шери во маслиново масло, веге намази…
„Правам џем од патлиџан со суво грозје особено вкусен во комбинација со солени јадења, кашкавал, сирење. Мармалади со лаванда и нане, сите природни сокови што ги направив ги продадов останаа уште нешто од кајсија и капина, правам и домашни ликери со домашна ракија што јас ја произведувам. А веќе правам и козметика направена на стар традиционален начин од невен, без хемикалии“, вели Александра.
Димитриј и Пантелеј Ситковски од село Добровени се млади сточари на возраст од 24 и 25 години и произведуваат мед, матичен млеч, перга и други производи од мед. На пчеларникот имаат над 250 кошници со пчели и дневно работат околу десет часа.
„Живееме од производство на мед и производи од мед. Нашиот мед е чист иако не е регистриран како органски, го продаваме на Градскиот пазар во Битола а една тегла чини 500 денари. Млечот е 600 денари, а прополисот е 300 денари. Медот во пита од 650 до 850 денари. Нашиот мед е чист, а тоа се познава кога ќе ја свртите теглата треба како една топка од мед на средината од теглата да се придвижи нагоре, така се препознава дека јадете убав мед“, вели Димитриј.
На саемот во ресторанот „Утопиа“ во Битола беа претставени традиционални јадења од страна на членките на здруженијата „Силата на баба“ од Општина Новаци и Организација на жени на Битола.
„Правиме, зелници и мазници, питулици на старски начин и ги продаваме од дома, нашите купувачи се воодушевени од вкусот. Кога во Општина Новаци ќе дојдат странски гости, делегации, ние готвиме традиционална храна. Ги одржуваме во живот заборавените рецепти“, вели Вера Котевска од „Силата на баба“.
Останатите производители, учесници на настанот со посредство на ЗЕЗ „Зелена берза“ – Битола промовираа дел од своите производи, направени со суровина од нивната мала фарма, од нивното земјоделско стопанство. Тие ги покажа на дело сите вештини на сукање на мазници и зелници, питулици, тикварник и други благи производи, но според организаторите на манифестација „Незаменливиот вкус на традицијата“, не само што имаат за цел да ја промовираат македонска храна и на едно место да ги соберат производителите, преработувачите и иноваторите на нови вкусови на храна туку преку оваа манифестација да поттикнат и поинтензивен развој на органското земјоделство и одржување на земјоделските стопанства.
„Е сега она на што сакаме да ставиме акцент и да поттикнеме позитивни резултати во иднина е да ги поттикнеме и да им помогнеме на овие наши производители да ги брендираат своите производи. Тоа го прават мал број од производителите. Друго на што ставаме акцент е органските производители да се организираат во задруги со цел овозможување на заеднички пласман, здружување на количините како и полесно следење на новостите и трендовите во органското производство. Потоа да изградат заедничка маркетинг стратегија насочена кон трговските синџири, угостителските објекти и позначајно промотивно присуство на производителите на интернет, социјални мрежи и други медиуми. Да ставаат амбалажи на органските производи, и да го зголемат степенот на нивна преработка“, изјави Олгица Трендафиловска од ЗЕЗ „Зелена берза“, организатор на манифестацијата.