Македонските организации во Бугарија бараат реципроцитет за правата


Македонските организации во Бугарија изразија загриженост за ситуацијата во која се наоѓа македонското малцинство во Бугарија и односите меѓу Бугарија и Македонија, повикувајќи паралелно со внесување на Бугарите во Уставот на Македонија да се внесат и тие во уставот на Бугарија, т.е. да има реципроцитет. Во декларацијата што ја усвоија се вели:

„Ја осудуваме континуираната политика на негирање, дискриминација и асимилација водена официјално против Македонците во Бугарија.

Ја осудуваме политиката водена од  Бугарија против Македонија, поставувањето на иритирачки услови пред нејзиното членство во ЕУ,  како да се откаже од идентитетот на македонската нација, јазикот, историјата и да се одрече од македонското малцинство во Бугарија. Никој нема право да бара слично нешто од никого на овој свет. Убедени сме дека овие барања нема да успеат, но породуваат и ќе продолжат да породуваат сосема непотребна омраза.

Ја осудуваме кампањата на всадување на омраза против Македонците водена во повеќето медиуми во Бугарија.

Го осудуваме начинот на кој беше спроведен последниот попис во  Бугарија, со мноштво нарушувања на правото на самоопределување и пречки пред Македонците да можат да ја изјават својата народност.

Ја осудуваме пасивноста на македонските влади во последните три децении, кои наспроти својата уставна обврска да се грижат за македонските малцинства надвор од  Македонија, никогаш го немаат поставено пред  Бугарија прашањето за негирање, дискриминација и асимилација на македонското малцинство.

Ние ја повикуваме Европската унија  да не дозволи членството во Унијата и правото на вето да бидат злоупотребени за наметнување на националистички политики на кандидат членките и да преземе активни мерки за ставање крај на последната наследена од комунизмот тоталитарна политика во ЕУ – политиката на негирање, дискриминација и асимилација на македонското малцинство во Бугарија.

Ја повикуваме Република Бугарија  да ја запре политиката на негирање, дискриминација и асимилација на македонското малцинство, да го признае и да му ги даде сите права предвидени со меѓународните стандарди за малцинствата. Да  го промени Уставот така, што во него јасно да бидат гарантирани правата на националните и етнички малцинства и да стане невозможно ‘единството на нацијата’ да биде користено против правата на малцинствата. Да запре да ја уценува Република Македонија и да ја деблокира нејзината евроинтеграција, повлекувајќи ги сите барања, кои не претставуваат дел од Копенхагенските критериуми.

Од Македонија бараме да запре да прави непринципиелни компромиси и да ги задоволува антимакедонските апетити на националистичките кругови во Софија. исто така,  да започне да полага грижи за македонските малцинства надвор од  Македонија.

Двете држави исто така, да ги стават македонското малцинство во Бугарија и бугарското во Македонија во своите устави и да ги гарантираат нивните права во согласност со меѓународните стандарди и на рамноправна основа.

Организациите на Бугарите во  Македонија, во духот на повикот на Фон дер Лајен за изградување на мостови меѓу народите на Балканот, нека бидат прв таков мост и заедно, двете малцинства од двете страни на границата, да ги повикаме Бугарија и Македонија да ги обезбедат правата на двете малцинствата кон меѓународно гарантираните стандарди, кон заемно почитување и реципрочност. Заедно, исто така, да ги поставиме заедно прашањата за правата на нашите две малцинства пред соодветните држави“, стои во декларацијата на преставниците на организациите на Македонците во Бугарија.