Македонските одбојкарки со оптимизам ги очекуваат дуелите со Грција и Австрија


Македонската женска одбојкарска репрезентација ги комплетираше еднонеделните тренинзи во Маврово и од оваа седмица во Скопје ги продолжува подготовките за двата евроквалификациски дуели против Грција и Австрија на почетокот на следниот месец.
Од македонскиот табор истакнуваат дела оптимизмот, како и желбата и докажување е на високо ниво, а најважното е дека сите на број, се тренира без проблеми и се темпира формата со која ќе се излезе на мегдан со фаворитите.
„За нас е најважно што сме заедно, имаме убава атмосфера за работа и одлична хемија во тимот. Свесни сме за тоа како стоиме резултатски во пресрет на овие два натпревари и затоа сме решени да играме за нас. Секој добар натпревар е поголем мотив за нас и надеж дека следната акција ќе биде уште поуспешна. Играме за нас и ќе се потрудиме барем на мечот пред домашната публика да понудиме што е можно подобра игра“, изјави средниот блокер Ива Стојкоска за официјалниот сајт на Одбојкарската федерација на Македонија.
Сличен став има и интернационалката Ана Фасулева.
„Фокусирано и со мирна глава треба да размислуваме формата да биде на се повисоко ниво во секоја акција. Нашата игра, но истовремено и ментално, физички и тимски! Верувам дека ќе го покажеме тоа и ќе се обидеме да се избориме не само за еден или два сета, туку и да се надминеме самите себе си и да изненадиме. Далеку е да се мисли, но доколку овие два натпревари ги одиграме на посакуваното ниво, верувам дека тоа ќе ни донесе еуфорија и одлична атмосфера за следниот циклус. Но, не летаме, прво и најважно за нас е на претстојните два натпревари да одиграме најдобро што можеме, а резултатот ќе дојде сам по себе“, посочи Фасулева.
Македонија првиот натпревар од оваа фаза од квалификациите за ЕП 2026 го игра на 3 август од 20 часот во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, кога ја пречекува Грција. На 9 август македонските одбојкарки гостуваат на Австрија, за крај на циклусот. Првите два натпревари со овие противници македонските одбојкарки ги загубија со по 3:0 и останаа без шанси за пласман на континенталниот собир следната година.