Македонските одбојкари против Бугарија на отворањето на Евроволеј 2026
Македонската одбојкарска репрезентација денес од 18 часот ќе се соочи со ко-домаќинот Бугарија Европското првенство 2026.
Бугарите како домаќини ќе ја имаат поддршката од 14 илјадна публика, а со статусот на актуелен светски вицешампион важат за апсолутни фаворити. Сепак, македонските одбојкари нема да влезат на мечот со „бело знаме“.
– Секако дека полна сала е многу голема мотивација и за нас. Цел на Бугарите е преку ЕвроВолеј да стигнат до ЛОИ 2028 и тоа не го кријат. По освојувањето на среброто на СП 2025 им пораснаа апетитите. За нас ќе биде големо задоволство да отвориме против нив и ако пред седум години пред полно „Стожице“ ја победивме Словенија, зошто сега да не биде исто? Имаат силна репрезентација, физички се појаки од нас и делуваат импресивно. Ние мора да играме мудро и искусно и со трпение. Не смееме да им дозволиме да не „бомбардираат“ со сервис и со блок, кое е нивно главно оружје, туку да најдеме решение и да им влеземе во системот. Само така може да се надеваме на нешто, вели капитенот Никола Ѓоргиев.
Во Б-групата, покрај Македонија и Бугарија се и репрезентациите на Полска, Украина, Португалија и Израел. Натпреварите од оваа група ќе се играат од денес до 16 септември во Софија.