Македонските одбојкари на двомеч со бугарската репрезентација

По комплетирање на првиот микро-циклус од подготовките во Маврово за квалификациските натпревари со Грција и Грузија за пласман на Европското првенство 2026, машката сениорска репрезентација на Македонија денес отпатува за Софија каде ќе одигра пријателски натпревари со селекцијата на Бугарија.
Натпреварите се играат во салата „Левски“ во Софија. Првиот натпревар е закажан за 29 јули во 17 часот, додека втората контрола на 30 јули се игра на пладне, а по неа македонската репрезентација се враќа дома.
Двомечот со Бугарите треба да покаже во каква форма е тимот на селекторот Јошко Миленкоски во пресрет на евро-квалификациите и кои се елементите на кои треба да се посвети внимание во втората фаза од подготовките.
– Пријателските натпревари со Бугарија ќе дојдат како одлична контрола на она што го работевме во изминативе десет дена во првиот микро циклус во Маврово. Задоволен сум од тоа како течеше првиот дел од подготовките, момците работеа со висок интензитет, а сега полека влегуваме во фазата на техничко-тактичка подготовка. Бугарија треба да ни покаже што е добро во нашата игра, а што ќе треба да коригираме во пресрет на дуелот со Грција. Имаме доволно време, со оглед на тоа дека и следната недела во Скопје не очекува меморијалот „Чајка“, кој ќе биде финална проверка на силата, изјави селекторот Јошко Миленкоски пред заминувањето за Софија.
Првиот натпревар од евро-квалификациите Македонија го игра на 13 август во Атина, додека на 17 август во Скопје ја пречекуваме Грузија за крај на циклусот.