Македонските кошаркарки од четвртиот шешир ја чекаат жрепката за евроквалификациите


 Македонската женска кошаркарска репрезентација е сместена во четвртиот шешир за жрепката за првиот круг од квалификациите за пласман на Евробаскетот 2027, објави попладнево ФИБА Европа.

Жрепката ќе се одржи на 23 јули во Минхен, а македонската женска кошаркарска репрезентација нема да може да биде во иста група со Естонија, Кипар, Австрија и Ирска и Азербејџан.

Во првиот круг од квалификациите ќе учествуваат 27 репрезентации, поделени во седум групи, од кои шест со по четири и една со три селекции.

Вкупно 17 репрезентации ќе се пласираат во вториот круг, првопласираните две од секоја група и трите најдобро третопласирани селекции.

Стартот на евроквалификациите е закажан за ноември оваа година.

Шешир 1: Србија, Велика Британија, Словенија, Црна Гора, Грција, Босна и Херцеговина, Словачка

Шешир 2: Хрватска, Латвија, Португалија, Украина, Полска, Швајцарија, Израел

Шешир 3: Луксембург, Холандија, Данска, Бугарија, Романија, Исланд, Норвешка

Шешир 4: Македонија, Естонија, Кипар, Австрија, Ирска, Азербејџан.