Македонските кошаркарки ја совладаа Норвешка за прв триумф на ЕП во Б дивизијата
Македонската женска јуниорска кошаркарска репрезентација ја совлада попладнево Норвешка со 67-41 и ја забележа првата победа на Европското првенство во Б дивизијата што се одржува во романскиот град Тулчеа.
По несреќниот пораз од Азербејџан во минатото коло, македонските кошаркарки силно мотивирани влегоа во денешниот натпревар, наметнувајќи висок ритам и по првата четвртина стекнаа огромна предност од 26:6.
Избраничките на селекторот Виктор Петровски продолжија во ист ритам и до крајот на полувремето дополнително ја зголемија предноста на недостижни +29 поени разлика (40:11), рутински приведувајќи го натпреварот до самиот финиш.
Најефикасна во македонските редови беше Ива Колева со 16 поени на кои додаде шест асистенции и четири скокови.
Утре е последниот ден од шампионатот во Тулчеа, а македонската репрезентација од 9:00 часот ќе игра против Естонија, во последниот натпревар од групата „Е“, со цел со уште една победа да обезбеди што е можно подобар пласман на табелата во борбата за позициите од 17. до 20. место.