Македонските и бугарските уметници се „поврзаа“: Голема изложба во Софија
Во вторникот вечерта (11 јули) во Софија во најрепрезентативниот изложбен простор на Националната академија за ликовни уметности, галеријата „Академија“, беше отворена групната ликовна изложба „Средба од десетти вид“, на која со свои дела учествуваат Гордана Вренцоска, Дејан Иванов – Маргуш, Јана Манева-Чупоска, Беди Ибрахим, Маријана Иванова, Перица Георгиев – Пепси, Павел Целкоски, Марјан Ѕингаров, Иво Пецов, Ненад Микиќ, Зоран Мише, Момчил Мирчев, Свилен Стефанов, Росен Тошев, Рикардо Кварежма Виејра, Валтер Праташ и Золтан Ференц. Изложени се 50-тина цртежи, графики, слики во комбинирани техники, скулптури, фотографии, дигитали графики и видеоарт дела.
Изложбата ќе биде отворена до 30 јули годинава, претставува продолжување на проектот „Поврзување“. Со овој извонреден настан пред бројните љубители на ликовната уметност во едно од најстарите зданија посветени на уметноста во Софија започна и одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу Северна Македонија и Бугарија.
По поздравниот говор на уметникот Росен Тошев на присутните им се обрати директорот на КИЦ во Софија, Сашко Насев, со беседа за естетиката и дипломатијата. Амбасадорката на Македонија во Софија, Агнеза Руси-Поповска, во нејзината поздравна реч ја истакна значајноста на уметниците во зацврснување на односите меѓу двете земји. Кураторот на „Средба од десетти вид“, Иво Пецов, кој и самиот изложи неколку дела, потсети на развојот на проектот „Поврзување“ со кој КИЦ на Македонија го рашири своето културно присуство и културна размена со речиси сите поголеми градови во Бугарија.