Македонскиот режисер Ангел Апостолски ги режираше новите впечатливи реклами на ПЕТА


Во ТВ-преносот на годинашното „Супербоул“ финале во американско рагби – најскапото и најпрестижно спортско шоу во светот, беа прикажани и низа реклами режирани од македонскиот режисер Ангел Апостолски.

За првпат во историјата, ПЕТА – глобалната мрежа за заштита на животните, се појави со реклами за време на ова шоу, каде што рекламен блок од 30 секунди чини 8 милиони долари. За режијата на овие специјално изработени рекламни спотови, ПЕТА го ангажираше Апостолски. Скопјанец, филмски режисер со диплома од Националната академија за театарска и филмска уметност во Софија. Живее, работи и патува меѓу Софија и Амстердам – е еден од ретките европски режисери кои имаат изработено реклами за „Супербоулот“.

Тој, инаку, веќе има добар број реализирани рекламни проекти зад себе, за некои од најпознатите светски и регионални брендови – од телекомуникациски оператори до социјално ангажирани асоцијации.

Неговите рекламни спотови веќе важат за „најсмелата кампања на ПЕТА досега“, насловена „Совесните мафијаши“. Потпретседателката на ПЕТА, Лиса Ланге ја дефинираше оваа кампања и како една од најкреативните досега.

– Дури и најтврдокорните мафијаши имаат срце – барем кога станува збор за животните. Визијата на Ангел Апостолски совршено ја доловува апсурдноста на носењето кожа или волна во денешно време, изјави Ланге.

ПЕТА се надева дека рекламите ќе поттикнат нова дискусија за етичката мода и ќе ги инспирираат гледачите да го сменат својот избор на облека – произведена без насилство.

Апостолски, кој веќе засилено работи на следниот проект, за искуството при снимањето на рекламите во Њујорк изјави дека целиот процес на работа бил одличен, забавен, беспрекорно организиран и со целосна креативна слобода, што е многу важно за реализација на вистински моќна порака. Како страсен раскажувач и режисер кој посветено работи со актери, тој внесува кинематографски допир во секој проект, вешто комбинирајќи наративна длабочина со визуелна уметност. Познат е по создавањето реклами коишто се доживуваат како кратки филмови – впечатливи, емотивно силни и водени од карактерите. Со природно чувство за хумор, Ангел често внесува разиграност и духовитост во своите проекти, правејќи ги подеднакво привлечни и незаборавни.

Во подготовки е и негов игран филм, којшто, судејќи по неговата досегашна работа, најверојатно ќе биде вистинско уживање за обожавателите и гледачите.