Македонскиот оркестар FAME’S настапи на спектакуларната најава за првиот Дизниленд на Блискиот Исток


Абу Даби-  Македонскиот оркестар, дел од проектот FAME’S, настапи на гламурозната свеченост по повод официјалната најава за изградба на првиот Дизни тематски парк на Блискиот Исток, кој ќе се наоѓа на островот Јас, Абу Даби.

Настанот, организиран од страна на The Walt Disney Company и Miral, привлече големо внимание и бројни ѕвезди од светскиот шоу-бизнис. Меѓу присутните беа Тајрис Гибсон, Наоми Кембел, Ед Вествик и други познати личности.

Публиката беше сведок на импресивно шоу, кое вклучуваше координирана претстава со 7.000 дронови, огномет и настап во живо на FAME’S оркестарот.

Музичката програма беше подготвена и диригирана од Стив Сидвел, а на сцената настапија и Ланг Ланг, заедно со пејачите Кери Елис, Соња Балсара и емирскиот уметник Рашед Алнуими. Македонските музичари беа рамноправен дел од оваа високобуџетна продукција, поставена на највисоко светско ниво.

„Настапот на настанот за Дизниленд Абу Даби беше момент што нема да го заборавиме. Честа да бидеме дел од ваков глобален спектакл значи многу – не само за нас како оркестар, туку и за Македонија. Нашите музичари уште еднаш покажаа врвна професионалност и страст“ , изјави Од Насју Мапа, основачка на FAME’S.

Церемонијата ја означи официјалната најава за изградба на седмата Disney тематска дестинација во светот и прва во регионот на Блискиот Исток. Паркот ќе биде изграден и управуван од Miral, со креативен надзор и оперативна поддршка од Disney.

Оркестарот на FAME’S, основан во Скопје во 2007 година, е реномиран оркестар специјализиран за снимање музика за филмска и телевизиска продукција, видеоигри, класична и поп музика. Со над 4.000 реализирани проекти, FAME’S се наметна како водечки избор за оркестарски снимања во Европа и пошироко.

Disneyland Абу Даби ќе биде првиот Disney тематски парк во Блискиот Исток и седмиот во светот. Проектот е заеднички потфат на The Walt Disney Company и Miral, водечкиот креатор на дестинации и искуства во Абу Даби. Паркот ќе биде лоциран на познатиот остров Јас (Yas Island) — туристичка локација која е дом на некои од најпознатите забавни и спортски атракции во регионот.

Со креативен развој и оперативен надзор од страна на Disney, Disneyland Абу Даби ќе понуди незаборавни авантури, приказни и доживувања инспирирани од легендарните Disney франшизи. Планираниот резорт ќе вклучува тематски зони, хотели, спектакуларни паради, интерактивни искуства и иновативни технологии во служба на забавата.

Видеото од настапот можете да го погледнете тука.