Македонскиот краток експериментален филм „ЛИМА“ селектиран на „Short Film Corner“ во Кан


Македонскиот експериментален филм „ЛИМА“ во режија на Батухан Ибрахим, годинава беше селектиран на „Short Film Corner“ на Канскиот филмски фестивал. Филмот ќе има и својата затворена проекција на Кан наменета за филмски дистрибутери и филмски селектори. Проекцијата е закажана за среда, 21 мај 2025 година, во рамки на SFC | Rendez-vous Industry на 78. издание на фестивалот.

„ЛИМА“ е експериментален филм кој го следи патувањето на три силуети низ времето, низ просторот на поранешна Југославија, низ урнатини од заборавени спомени и скршена надеж. Играјќи си со спомените, минатото и трансформативната моќ на она што било и може да биде, филмот прикажува една дисторзирана перцепција на просторот, телото и времето. Препуштајќи се на ритамот на минатото, трите тела будат еден исчезнат, замрзнат во времето, свет кој пркосно одбива целосно да избледе од сеќавањето.

Батухан Ибрахим е филмски режисер и сценарист, магистер по филмска и ТВ режија при Факултетот за драмски уметности – УКИМ. Неговото творештво опфаќа кратки играни, експериментални и документарни филмови.  Неговиот студентски филм „Twisted“ (2020) е прикажан на повеќе од 20 интернационални фестивали и е добитник на 8 награди. Независниот филм „Мавера“ (2023) доби специјално признание на ИФФК „Браќа Манаки“ и беше дел од неколку реномирани фестивали, вклучувајќи ја и официјалната селекција на филмскиот фестивал во Тирана. Во моментов работи на својот прв долгометражен игран филм, како и на неколку нови краткометражни проекти.