Горан Петревски ќе гостува на Алејата на книги во Софија


Бугарија – Во рамки на Алејата на книгите што се одржува во Софија, Бугарија на 10 септември македонскиот писател Горан Петревски ќе го промовира романот „Марта“, пренесува БТА.

Од бугарската издавачка куќа „Изида“ велат дека романот на Петревски бележи значителен успех меѓу неколку генерации на  младите читатели во Северна Македонија и со години се изучува во средните училишта.

-Во романот се раскажува за првата љубов, за судирот на невиноста и довербата со измама и манипулација, за собирање искуство на најдраматичен и најболен начин. Но, тоа е и книга која го афирмира доброто и убавото, вистинското и чистото, пишува издавачката куќа.

Горан Петревски е роден на 14 јули 1951 година. Автор е на 18 книги, главно романи од кои најпознати се „Марта“, „Сама“, „Истите очи“. Книгите „Вечниот ветар“ и „Љубовта дојде рано“ од Петревски се избрани за најчитани книги за оваа година од Националната библиотека во Скопје. Тој е добитник на многу награди меѓу кои „Ванчо Николески“ на Друштвото на писатели на Македонија.