Македонски Телеком воведува нов комуникациски концепт за сите корисници, без бариери и со неограничен интернет
Македонски Телеком денеска најави дека воведува нов комуникациски концепт за сите корисници, првпат на пазарот, без бариери во поврзувањето и со вредни дополнителни услуги, што ќе овозможи многу повеќе слобода и сигурност во секојдневната комуникација. Како што беше посочено на денешната прес-конференција, отсега, Magenta 1/Magenta 1 Business станува Magenta 1 Unlimited/Magenta 1 Business Unlimited и нуди беспрекорна поврзаност, со неограничен интернет секогаш и секаде, со вклучен роаминг интернет во сите пакети, со гигабитни оптички брзини и со ексклузивни попусти во Magenta Moments.

„Ова не е само ново портфолио, туку сосема нов начин на поврзување на корисниците. Целта е да понудиме едноставно и безгрижно искуство коешто ќе биде неограничено, непречено и комбинирано со многу поволности и попусти. Верувам дека овој чекор ќе направи промена на пазарот и позитивно ќе влијае на задоволството на корисниците, што е наша примарна цел“ – изјави Горан Марковиќ, Главниот извршен директор на Македонски Телеком.

Емилија Андоновски, Главен директор за приватни корисници, изјави: „Ние не сме само телекомуникациски оператор, туку партнер којшто сака да им понуди вистинска вредност на корисниците и да им овозможи позитивни искуства. Целта ни е да дадеме повеќе и да го направиме самото искуство на поврзување едноставно, какво што и треба да биде во дигиталното време: со сѐ што треба вклучено и неограничено и многу повеќе од тоа“.