Македонски концепт ќе именува кандидати за градоначалници и советници преку јавен повик


Партијата Македонски концепт, која е дел од владеечката коалиција, распишува јавен повик за кандидати за советници и градоначалници на претстојните локални избори. Повикот, според партијата, е отворен за сите граѓани на Македонија – без разлика на етничка или верска припадност, пол, образование или други убедувања.
 
„На локалните избори ја избирате иднината на вашата општина, вашето маало, вашето семејство. Одлучувате за квалитетот на животот таму каде што живеете, работите и ги одгледувате вашите деца. Таму каде што ја создавате вашата иднина.
Македонски концепт верува дека најдобрите одлуки ги носат самите граѓани. Затоа, вие ги предлагате кандидатите – ние целосно ве поддржуваме! Вашата одлука е конечна, а ние ќе застанеме зад вашите луѓе и ќе обезбедиме нивна верификација пред надлежните изборни органи“, објавија од Македонски концепт. 
 
Критериумите наводно се да бидат личности кои се чесни и со висок личен интегритет – без разлика на степен на образование; да се признати и почитувани во својата локална заедница; да се посветени на јавниот интерес, а не на лична корист и да се подготвени за транспарентно и одговорно работење во служба на граѓаните. притоа не е услов ни да сте член на Македонски концепт, туку да „имате желба и сила да работите за својата општина и народот, а не за партијата“, стои во соопштението кое е уникатен пи-ар пред избори или обид да се мобилизира членство.