Македонски деца играа со Ибрахимовиќ и Видиќ на јубилејот 30 години од Плазма Спортските игри за млади


Македонските деца имаа можност да играат заедно и против некои од најголемите спортски имиња во светот на Ол-стар натпреварот организиран во рамки на меѓународното финале на Плазма Спортските игри за млади во Сплит, каде што беше одбележан и јубилејот 30 години од постоењето на манифестацијата.

Како што соопштуваат од Спортски игри за млади, во традиционалниот ревијален натпревар, тим составен од спортски легенди и претставници на УЕФА, меѓу кои Златан Ибрахимовиќ, Немања Видиќ, Павел Недвед, Дарио Срна и Никола Карабатиќ, се сретна со тимот на Плазма Спортските игри за млади составен од деца од Македонија, Хрватска, Србија, Словенија, Босна и Херцеговина и Украина. Натпреварот заврши нерешено 4:4.

Македонија на Ол-стар мечот ја претставуваа Енис Ферати, Енес Ферати, Фета Ферати и Ања Милеска.

Во рамки на програмата во Сплит беше одржана и свечена церемонија по повод трите децении од постоењето на Игрите, на која беа доделени признанија за долгогодишната поддршка на проектот и беа претставени новите амбасадори на манифестацијата: европскиот комесар Магнус Брунер, поранешната светска тениска ѕвезда Ана Ивановиќ и легендарниот хрватски тенисер Горан Иванишевиќ.

Македонската делегација ја завршува својата прва сезона во Плазма Спортските игри за млади со освоени седум медали.