Македонската дипломатка страдала од депресија
Македонската дипломатка што се самоуби во Њујорк на Нова година страдала од депресија, се дознава неофицијално. Таа последните три дена не доаѓала на работа што била причина да ја побараат во нејзиниот дом. Живеела во дипломатски кварт спроти мисијата на САД во ОН.
Станува збор за дипломатка од помладата генерација која во МНР дошла од 2006 година и има зад себе кариера во други амбасади на Македонија. Во нејзината соба биле пронајдени препишани антидепресиви и две шишенца мелатонин против несоница, речиси сосема празни. Тие што ја знаат велат дека не била личност наклонета на самотија, дека била комуникативна и дека можеби и влијаела ковид кризата. Веста за самоубиството на дипломатката ја потврдија и од МНР.
„Од постојаната мисија на Македонија при ОН во Њујорк пристигна жална вест која нѐ потресе сите, за трагично загубен животот на член на нашата мисија, дипломат од кариера во Министерството за надворешни работи. Во оваа прилика сакаме да изразиме длабоко сочувство до семејство и најблиските, и во име на сите колеги од Министерството за надворешни работи кои изгубија близок пријател и долгогодишен вреден и посветен претставник на дипломатијата“, соопштија од МНР.
Од Министерството информираат дека се во постојана комуникација со надлежните институции во САД за сите детали околу трагичниот настан.
Медиуми во Њујорк јавија дека дипломатката во мисијата на ОН била пронајдена мртва во својот стан на Менхетен со ремен околу вратот и две испразнети шишенца со антидепресиви. Според соопштението на полицијата, немало никакви знаци на насилство.
Според американските медиуми пред една година исто така се самоубила вработена во Обединетите нации фрлајќи се од 19 кат.