Македонска музика за дочекот на Новата година на скопскиот плоштад
Друштвото за организирање на забавни манифестации „Спектаклум” , заедно со Град Скопје, во пет до 12, кани на прославата на најлудата ноќ на градскиот плоштад ,,Македонија” во Скопје, од 19, 30 часот.
За добрата Новогодишна забава ќе се погрижат ,,Sarah Mace & The Girlzz”, ,,Љубојна”, ,,Ареа” и ,,Нокаут”.
Музичките уметници кои лани за Нова Година ги забавуваа скопјани на плоштадот „Македонија“, го обвинија Градот Скопје дека не им се исплатени хонорарите за настапот кои им биле ветени. Како што изјавуваат, според договорот, парите што требало да им се исплатат во рок од три месеци, тие ги чекаат веќе цела година.
Комората за музичка индустрија поднела тужба поради тоа што над 50 уметници не добиле никаква исплата.
Од градската власт, пак, ги демантираат ваквите обвинувања. Велат дека Градот Скопје нема договор за ангажирање на уметници за 2024 година, туку таа обврска ја преземала Комората на музичка индустрија која учествувала на јавен повик на кој истакнала дека ќе организира настан финансиран од повеќе извори. За јавниот повик во Градот Скопје на кој Комората учествувала, нејзиниот претставник не пристапил да склучи договор ниту доставил документација за реализација на настан во согласност со условите на јавниот повик, реагираат од Градот Скопје.
„За овие постапки на Комората на музичка индустрија, Градот Скопје нема вина, напротив за одговорното лице во Комората подготвува тужба за утврдување на одговорност и за проверка на начинот на финансирање на активности преку надлежните институции со цел превенција на идни злоупотреби.
Ги упатуваме сите уметници и останати лица кои се изиграни од страна на претставникот на Комората како организатор со кој имаат склучено договор, да покренат кон Комората постапки за наплата согласно меѓу нив утврдените услови и апелираме да не се потпаѓа под политички или било какви други манипулации во обид на претставникот на Комората со изнесување невистини да избегне одговорност за овој случај“, се наведува во соопштението на град Скопје.
Лани, под мотото „Градот убав ве кани сите“, на 25 декември 2023 година на плоштадот „Македонија“ во Скопје почнаа предновогодишните настани насловени „Празнична приказна“, во организација на Град Скопје и Комората на музичката индустрија. Беа ангажирани исклучиво домашни изведувачи меѓу кои Тин Камп, Скопје Лејдис Оркестра, Пауза за ракија, Тринити Стрингс, Слаткар, Дарио, Мерак Меана со Сузана Гавазова, Влатко Миладиновски, Стојне Николова, Душко Георгиевски и Блага Петреска“.