Македонката Светлана Мојсов меѓу 100-те највлијателни личности во светот според магазинот „Тајм“

Светлана Мојсов е ќерка на македонскиот државник и дипломат Лазар Мојсов, а започна да го истражува за дијабетесот на Универзитетот Рокфелер


 

Македонката Светлана Мојсов, светски познат научник чие истражување за хормоналните предизвикувачи за производство на инсулин доведе до револуционерни третмани за дијабетес и дебелина, е меѓу 100-те највлијателни личности во светот за годинава, според најновиот избор на американскиот магазин „Тајм“.

Таа се најде во овој престижен избор заедно со уште двајца научници, Џоел Хабенер и Ден Дракер, во сегментот „Пионери“, меѓу други влијателни личности како Америка Ферера, Лесли Локо, Офелија Дал, Кенеди Одеде и други.

Како што пишува Алис Парк, виш дописник на „Тајм“, во образложението за изборот на Мојсов, Хабенер и Дракер, појавата на ефикасни лекови за слабеење како што е Вегови (Wegovy ) е кулминација на долгогодишната тимска работа.

Научниците во Европа и во САД, кои први работеа на лекови за дијабетес, направија критична врска помеѓу инсулинот и инкретините, дел од семејството на цревни хормони познати како глукагони, со што им помогнаа да разберат како да управуваат со нивото на шеќер во крвта и тежината.

На Универзитетот во Копенхаген, Јенс Јул Холст забележал дека по операција на цревата, хормонот глукагон го зголемува нивото на инсулин кај луѓето. Отприлика во исто време, Џоел Хабенер и Ден Дракер, од Општата болница во Масачусетс, открија две форми на глукагон, вклучувајќи го и GLP-1, чија форма сега е во Оземпик, Вегови, Мунџаро и Зепбаунд; и Светлана Мојсов, хемичар, синтетизираа GLP-1 и развија антитела против него за критичните рани студии, се вели во образложението.

Експериментите на Дракер ги посочија специфичните делови на GLP-1 одговорни за влијанието на нивото на инсулин.

Сега лековите базирани на GLP-1 се одобрени во САД за лекување на дијабетес и дебелина и за намалување на ризикот од срцеви заболувања.

И има уште повеќе – истражувачите проучуваат други потенцијални придобивки од лековите GLP-1, вклучително и намалување на ризикот од Алцхајмерова болест, Паркинсонова болест, бубрези и заболувања на црниот дроб, пишува Тајм.

Во годинашнава листа на магазинот „Тајм“ во категоријата на највлијателни лидери се сопругата на починатиот руски опозиционер, Јулија Навални, кинескиот премиер Ли Џијанг, полскиот премиер Доналд Туск, аргентинскиот претседател Хавиер Милеи и италијанската премиерка Џорџа Мелони меѓу лидерите.

Покрај нив, помеѓу највлијателните лидери се и бразилската министерка за животна средина и климатски промени, Марина Силва, директорот на ЦИА, Вилијам Барнс и шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак.

Во изборот на највлијателните личности на американскиот весник се најдоа и јапонскиот режисер Хајао Мијазаки, британската пејачка со албанско потекло Дуа Липа, британскиот актер Дев Пател и австралиската пејачка Кајли Миног.

Победниците традиционално се класифицираат во неколку категории, од дебитанти до титани, а на листата на 100 највлијателни луѓе се наоѓа и палестинскиот фоторепортер Мотаз Азаиза, кој помина речиси четири месеци документирајќи го животот во Појасот Газа по ескалацијата на палестинско-израелскиот конфликт.

Инаку, Независен неодамна објави подолг текст за Светлана Мојсов, и за нејзината борба да ги добие заслужените признанија за нејзината научна работа.

Мојсов, чие истражување за хормоналните предизвикувачи за производство на инсулин доведе до револуционерни третмани за дијабетес и дебелина, е добитничка на наградата Перл Мајстер Грингард за 2024 година, соопшти Универзитетот Рокфелер.

Оваа награда е истакната меѓународна награда која им оддава признание на истакнати жени научници. Мојсов, научен вонреден професор во Рокфелер, беше одликувана на церемонијата во кампусот на 17 април, а наградата ѝ ја врачи писателката и натуралист Дајан Акерман, авторка на неколку бестселери на Њујорк Тајмс, меѓу кои и The Zookeeper’s Wife.

Иновативните методи и клучните сознанија на Мојсов доведоа до идентификација на пептид сличен на глукагон (GLP-1), цревниот хормон кој предизвикува панкреасот да лачи инсулин. Нејзините откритија се основата на револуционерните лекови наречени GLP-1 агонисти кои ја трансформираа клиничката грижа за дијабетес и дебелина. Примери за оваа класа на лекови вклучуваат Оземпик, Виктоза и Вегови.

Светлана Мојсов е ќерка на македонскиот државник и дипломат Лазар Мојсов, а започна да го истражува за дијабетесот во Универзитетот Рокфелер, како студент и постдокторски соработник во лабораторијата на нобеловецот Брус Мерифилд.

Повеќе на оваа тема во продолжение или на следниот линк.

 

Светлана Мојсов – непризнатиот научник кој стои зад револуционерното откритие за лекување дијабетес