„Македонисимо“ на Трпчевски конечно дома. Три бесплатни концерти во Скопје, Штип и во Битола
По 5 години од светската премиера на престижниот музички фестивал во Лудвигсбург, Германија и освојување на светските музички меридијани со музичкиот материјал изнедрен од плодната македонска почва, нашиот прославен пијанист конечно ја најавува и македонската премиера на интернационалниот музички проект

По 5 години од светската премиера на престижниот музички фестивал во Лудвигсбург, Германија и освојување на светските музички меридијани со музичкиот материјал изнедрен од плодната македонска почва, нашиот прославен пијанист Симон Трпчески конечно ја најавува и македонската премиера на интернационалниот музички проект Македонисимо.
Музичкиот десерт што македонската публика со нетрпение го очекува, најпрво на 14 септември од 20 часот на платото пред Националната опера и балет ќе го „вкуси“ публиката во Скопје, изјави денес на прес-конференцијата во Скопје, Трпчевски, кој во Македонија слета од Швајцарија, а утре пак лета за оваа европска земја. На репертоарот се 23 нумери.
„Македонисимо“ конечно си доаѓа дома. Јас сум навистина горд што ќе имаме можност да го претставиме овој проект на македонската публика, на народот на којшто овој проект е посветен, токму како што беше споменато на петгодишнината од светската премиера која што се случи во Германија, изјави Трпчески на денешната прес-конференција.
Како што рече, овој проект се зачнал одамна во неговата глава.
– Проектот „Македонисимо“ се зачна одамна во мојата глава, можам слободно да кажам и во моето срце, бидејќи јас сум задоен, па пораснат со народната музика. Имено, мојата прва љубов е хармониката и на тој начин секогаш била вткаена дури и во целосното мое образование како музичка личност, целосното музичко образование кое што јас го стекнав во Македонија и отсекогаш верував дека потенцијалот што нашата народна музика го има доколку се преточи во еден поинаков музички јазик, да речам првенствено којшто доаѓа од класичниот музички свет може да се носи рамо до рамо и со самата класична музика на која што јас сум претставник, рече тој.
Следните изведби се предвидени за во Штип на 25 септември и во Битола, ден потоа, на 26 септември. Трпчески и пријателите ќе го изведат албумот Македонисимо што во издание на британската етикета „Лин Рекордс“ го обиколи светот – проект во чии рамки на оригинален начин се обработува македонската народна музика од страна на нашиот композитор, Панде Шахов, кој, како што вели Трпчески, „со својот посебен музички јазик ја обои на многу поинаков начин, испреплетувајќи со нашата традиционална музика различни музички стилови“. Уникатниот тим на „Македонисимо квинтетот“ и на оваа серија концерти го сочинуваат и Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело; на кларинет, саксофон и на кавал Хидан Мамудов, а зад удиралките е Влатко Нушев.
Сите 3 изведби, публиката ќе може да ги проследи бесплатно.
Со оваа домашна турнеја ќе се одбележи и 15-годишнината на Здружението за култура и уметност „КултурОп“, чија основна задача е токму поддршката на нашиот пијанист од светски глас.
На прашањето од новинарите, зошто се чекаше пет години за македонската премиера, Трпчевски денеска на пресот изјави дека, за жал, и покрај неговата желба да се случи порано, тоа било сплет на околности- прво плановите ги одложи пандемијата, потоа неможноста да се сменат веќе утврдените термини на концертите низ светот, и фактот дека тројца членови од „Македонисимо квинтетот“ не живеат во Македонија, туку низ Европа, и распоредите меѓу нив биле тешко да се договорат.
На пресот беше соопштена и веста дека е потврдена светска премиера на оркестарската верзија на Македонисимо во, веројатно, најпознатата музичка сала на светот, виенски „Музикферајн“, сцената на која се одржува традиционалниот Новогодишен концерт омилен во глобални рамки.
„Македонисимо квинтетот“ предводен од Трпчески на оваа престижна сцена на 2 март 2023 година од 20 часот ќе го придружува австрискиот Тонкунстлер оркестар, а под палката на нивниот шеф-диригент, маестро Јутака Садо од Јапонија“-.