Македонија во фокусот на европскиот спорт: Започнува ЕМОФ Скопје 2025


Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) Скопје 2025 ќе започне вечер со почеток во 20:30 часот во Спортскиот центар „Јане Сандански“. Фестивалот официјално ќе го отвори претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а ќе се обрати и претседателот на Европските олимписки комитети, Спирос Капралос. Свечената церемонија ќе го означи почетокот на седумдневен спортски и културен спектакл кој ќе ги обедини младите спортисти од цела Европа во духот на фер-плеј, солидарност и пријателство. 

Како дел од свеченото отворање, ќе се одржи голема парада на сите 49 спортски делегации, како и на Тимот на бегалци под покровителство на ЕОК. Илјадници млади спортисти, на возраст од 14 до 18 години, ќе продефилираат низ арената со знамињата на своите држави.

Отворањето ќе биде збогатено со уникатен сценско-музички спектакл што ќе ја претстави македонската култура, звук и визуелна уметност, а централно место во церемонијата ќе има изведбата во живо на официјалната химна на ЕМОФ Скопје 2025 – „Together We Shine“, композиција која веќе се препознава како симбол на заедништво, младешка енергија и олимписки дух. 

ЕМОФ Скопје 2025 ќе вклучува натпревари во 15 спортски дисциплини: атлетика, пливање, кошарка, баскет 3×3, ракомет, одбојка, џудо, спортска гимнастика, друмски велосипедизам, маунтајн бајк, кајак слалом, бадминтон, стрелаштво, пинг-понг и таеквондо. Натпреварите ќе се одржуваат на спортски објекти со меѓународен стандард во Скопје и Куманово, додека натпреварите во спортска гимнастика ќе се одржат во Осиек, Хрватска, во соработка со Европскиот и Хрватскиот олимписки комитет.

Се очекува учество на повеќе од 4.000 млади спортисти, тренери, спортски официјални лица и тимски претставници, како и стотици новинари, волонтери и гости.

Македонија годинава ќе биде претставена со рекорден број на спортисти кои ќе учествуваат во сите спортови.