Македонија увезува работници: Владата одреди квота од 10.000 работни дозволи за странци
Едни се иселуваат од државата, а други доаѓаат место нив. Работната сила снемува и таа треба да се надополни.
Владата донесе одлука за квота од 10.000 работни дозволи за странски државјани за 2026 година, која стапи на сила на 16 јануари. Од нив, 9.750 дозволи се за редовно вработување, 200 за упатени странци, а 50 за сезонски ангажмани. Според оваа одлука 4.500 се за нови работници, додека 5.250 се за продолжување на веќе издадени дозволи.
Квота од 10 илјади странски работници беше утврдена и за 2025 година, додека во 2023 – половина од квотата од 5.000 за увоз на странска работна сила беше пополнета уште во првите месеци од годината. Само минатата година Агенцијата за вработување издала 8.509 позитивни мислења за работни дозволи, а Министерството за внатрешни работи одобрило 6.128 дозволи за привремен престој на странски работници.
Недостигот на работна сила е сериозен проблем во градежништвото, преработувачката индустрија, угостителството и трговијата.
Вкупниот број на странски работници со дозволи за престој (6.128 во 2025 година), е три и пол пати повисок во споредба со пред пет години, кога дозволи добиле 1.704 лица. Најголем интерес за вработување странци има во градежништвото, индустријата, угостителството и трговијата. Меѓу земјите со најмногу работници се Бангладеш, Непал, Индија, Турција, Кина и Филипини.
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека во сите сектори има потреба за работници како и досега. „Нема дополнителни отстапувања – тоа се секторите нотирани од работодавачите и од стопанските комори“, вели премиерот.
Владата годишно утврдува квота на работни дозволи преку која го ограничува бројот на странци на пазарот на трудот. Според законите квотата не може годишно да надминува 5 отсто од населението во земјата кое законски е вработено.