Македонија треба да има сопствен систем за сајбер безбедност, а не да зависи од локации во странство, вели Андоновски


Во дигиталниот свет податоците се елементарниот приоритет и како такви мора да се третираат со највисоко ниво на доверба и сигурност, а институциите имаат обврска да ги штитат транспарентно, правично и по сите европски стандарди поради што земјава мора да има сопствено решение за справување со сајбер предизвиците, порача министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на отворањето на Националниот самит за дигитална, енергетска и безбедна критична инфраструктура.

На самитот, чија цел е да го подигне нивото на одржливо планирање на дигиталната и енергетската инфраструктура, нејзината безбедност и транзиција и да создаде сигурна и светла иднина за генерациите што доаѓаат, своето искуство го презентираат компании од светски рамки со долгогодишно искуство во полето на дигитализацијата и енергетиката. Самитот пред се е посветен на безбедноста и енергетската транзиција и планирањето преку презентација на одлични примери од светот кои брзо може да се имплементираат кај нас.

– Живееме во време кога енергетските системи не се системи сами по себе, туку се длабоко поврзани со ИКТ системите на државата и се двигател и основа на македонската економија. Затоа безбедноста, одржливоста и адаптибилноста на овие системи мора да е на врвот на нашите приоритети, рече Андоновски.

Порача дека првиот дел од сајбер безбедноста е опоравувањето по сајбер катастрофи, вториот дел заштита на податоците, третиот дел решение за опоравување од рамсовер напади и четвртиот дел е што тоа значи во поглед на инвестициите во македонската економија.

– Секоја држава треба да ја гледа сајбер безбедноста како дел од националната безбедност, бидејќи денеска нападите не се само против компаниите, тие се против училиштата, болниците, енергетските системи, водоводите, телекомуникациите, социјалните фондови,… Тоа се напади против секојдневниот живот на граѓаните и против функционирањето на бизнисот, посочи Андоновски.

Се соочуваме, додаде, со сет на комплицирани и многу почести закани и затоа градиме нови стандарди и стратегии за одбрана, вклучувајќи ја и Националната стратегија за сајбер безбедност.

– Не можеме со сајбер стратегијата, ниту со било која друга стратегија да гарантираме дека нема да се случат сајбер напади, но треба да се осигураме дека кога ќе се случат да имаме капацитети брзо и сигурно да го вратиме во функционалност дадениот критичен систем. Македонија мора да има сопствено решение за справување со сајбер предизвиците, а не решение што исклучиво зависи од странски локации, туку внатрешно направен систем кој ќе гарантира дека и во најлошо сценарио државата, институциите и компаниите може да продолжат непречено да функционираат, потенцира Андоновски.

Тоа, како што рече, значи целосно искористување на „Дизастери кавери дата центарот“ во Прилеп, но и изградба на нови и максимално искористување на домашните ресурси во таа насока.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска посочи дека имаме мисија да изградиме безбедна, одржлива и отпорна критична инфраструктура која ќе ја поддржи економијата.

-Критичната инфраструктура особено во енергетскиот сектор не е само технички систем, тоа е основа за економски развој, за социјална стабилност и национална безбедност. Сведоци сме на зголемени сајбер напади врз критичната инфраструктура што ја истакнува потребата од зајакнување на нашите капацитети за сајбер безбедност, рече Божиновска.

Порача дека дигиталната трансформација е клучна во енергетскиот сектор за ефикасно управување со ресурсите и обезбедување на сигурна енергетска мрежа.

-Интеграцијата на обновливите извори на енергија (ОИЕ) како соларната и енергијата од ветерот бара модернизација на инфраструктурата и примена на напредни технологии за управување и заштита. Меѓународните искуства покажуваат дека инвестициите во ОИЕ не само што придонесуваат за енергетска независност, туку ја зголемуваат и енергетската безбедност, посочи Божиновска и додаде дека имаме потенцијал да станеме регионален лидер во енергетската транзиција.

Нагласи дека во соработка меѓу јавниот и приватниот сектор може да се развијат иновативни решенија кои ќе ја зајакнат инфраструктурата и ќе обезбедат одржлив економски развој. Порача дека очекува дискусиите и презентациите од денешниот настан да придонесат за формирање на конкретни стратегии и иницијативи кои ќе ја унапредат инфраструктурата и ќе ја подготват за предизвиците на иднината.

Извозот на ИКТ услугите од земјава е над 500 милиони евра годишно, а увозот е помалку од 200 милиони.