Македонија стигна до четвртиот кластер, денес почна скринингот за животна средина и транспорт

Од минатиот септември речиси секој работен ден секоја недела во Брисел се одвива скрининг на различни нивоа за поглавјата


Од денешните разговори во скрининг процесот

 

(Од нашиот известувач)

БРИСЕЛ – Вицепремиерот Бојан Маричиќ со членовите на работната група за транспорт учествуваа денес во Брисел на објаснувачкиот скрининг за оваа област (Поглавје 21), со што практично почна скринингот и за Кластерот 4, озаглавен како „Зелената агенда и одржлива поврзаност“ –  од шестте што до ноември годинава треба да ги заврши Македонија.

Од минатиот септември речиси секој работен ден секоја недела во Брисел се одвива скрининг на различни нивоа за поглавјата, а деновиве присуствуваат не само експерти за транспорт и за животна средина, туку и преставници на Антикорупциската комисија, преставници од АВМУ, експерти за даночна политика, бројни преведувачи и преставници од Секретаријатот за европски прашања.

Микела Матуела, вршител на должноста директор за Западен Балкан во ЕУ, го започна скринингот со пораката дека „не сака да ги уплаши“ членовите на македонскиот тим, но дури 25 отсто од регулативата на ЕУ се однесува токму прашањата поврзани со транспортот, што во голема мерка се поврзани со новата политика за спречување на климатските промени, намалување на емисиите на штетни гасови и зголемување на поврзаноста и на мобилноста. Таа оцени дека во оваа област има некаков прогрес во Македонија и Албанија (бидејќи овој скрининг беше заеднички), но дека уште доста работи треба да се направат.

 

Членови  на Европската комисија ги преставија најновите и најважни измени во однос на наплаќањето на патарини  во зависност од обемот на емитување на штетни гасови, т.е. загадувањето, поврзаноста на националните системи за патарини и стандардите и правилата што треба да важат во зависност од типот на возилата  и времето во текот на денот или неделата кога треба да се применуваат.

Втората регулатива што ја претставија се однесуваше на мерките за спречување на постоењето на таканаречените фантом компании во транспортот, односно компании кои постојат само во адвокатска канцеларија и со поштенско сандаче, така што ќе се утврдат стандарди – колку возила мора да поседуваат, колку лица треба да вработуваат и секоја национална држава да стави во нивната регистрација проценка за ризик. Притоа секоја земја-членка  може да побара информации од друга земја-членка дали навистина постои таква компанија или е фиктивна, нешто со што се соочува во многу сфери сега Македонија, каде што вакви фиктивни компании се регистрираат три дена пред добивање тендер.

Беа претставени и регулативите за превоз на патници, условите за работа на возачите, како времето за одмор, адекватни услови за спиење што треба да бидат обезбедени додека се на пат, правото на одмор, како и мерките за безбедно одвивање на транспортот, нешто што, ако се имплементира, може да влијае на подобрувањето на состојбата кај нас по случувањата со „Дурмотурс“, „Беса турс“ и други инциденти предизвикани од вакви и слични пропусти.  

Вицепремиерот Маричиќ како наш прогрес во оваа област го престави воспоставувањето на зелените трговски коридори во регионот, многуте мерки и иницијативи за промовирање на регионалната соработка и напорите за подобрување на транспортната инфраструктура. 

 

Скринингот во Брисел се одвиваше главно на англиски јазик, а на кабините за превод стоеше оригиналното име на нашиот јазик „македонски“ и оригиналното име на албанскиот јазик – за преставниците од Албанија.