Македонија со пет медали во Таранто: Консевиќ освои бронза, Рустемовски денеска во битка за финале
Македонија продолжува со одличните настапи на Медитеранските игри во Таранто, а нашите репрезентативи досега освоија вкупно пет медали. По трите одличја освоени од македонските борачи, нова бронза за Македонија обезбеди Вероника Консевиќ, додека боксерот Ален Рустемовски со фантастичен настап се пласираше во полуфиналето и веќе има загарантирано најмалку бронзен медал.
Вероника Консевиќ го освои бронзениот медал во категоријата до 57 килограми во слободен стил, откако во исклучително изедначена и напорна борба ја совлада српската претставничка Милица Перовиќ со 7:5 на поени. Борбата се одржа на душекот Б во спортската сала „Карол Војтила“ во Таранто.

Консевиќ до борбата за бронзата стигна преку репасажот, откако претходно во четвртфиналето загуби од Шпанката Лидија Перез со 1:4. Бидејќи Перез се пласираше во големото финале, македонската борачка доби нова шанса за медал, која максимално ја искористи со тактички дисциплинирана борба против Перовиќ до последните секунди.
Со бронзата на Консевиќ, македонската боречка репрезентација стигна до вкупно четири медали во Таранто. Претходно сребрени одличја освоија Фати Вејсели и Реџеп Хајдари, додека Ахмад Магомедов се закити со бронзен медал.
Успехот на македонските спортисти го надополни и Ален Рустемовски, кој обезбеди медал во бокс во категоријата до 60 килограми. Во четвртфиналната борба против албанскиот репрезентативец Ариол Зенели, Рустемовски доминираше во рингот и целосно го диктираше темпото на мечот.
Македонскиот боксер во третата рунда со фуриозна серија прецизни и силни удари го принуди противникот да ја прекине борбата, со што Рустемовски славеше со технички нокаут и избори пласман во полуфиналето.
Противник на Рустемовски во полуфиналето ќе биде Шпанецот Марин Ернандез. За место во големото финале и шанса да се бори за златното одличје, Рустемовски ќе настапи денеска од 15:00 часот.
Денеска продолжуваат настапите на македонските спортисти во Таранто, а покрај настанот во полуфиналето на Ален Рустемовски во бокс, на програмата се и натпревари во фудбал, ракомет и одбојка, како и настап во стрелаштво. Програмата ќе ја отвори Анастасија Мојсовска во стрелаштво од 10 часот, а половина час подоцна македонската фудбалска репрезентација ќе игра против Мароко. Од 15 часот Рустемовски ќе се бори за пласман во големото финале во бокс, додека во истиот термин македонската ракометна репрезентација ќе се сретне со Алжир. Во 17 часот на програмата е одбојкарскиот натпревар меѓу Грција и Македонија.
Најинтересните натпревари од Игрите може да се следат на МРТ 3, додека македонската јавност може да ја следи атмосферата од Таранто и преку социјалните канали и содржини на официјалните Facebook и Instagram профили на Македонскиот олимписки комитет, како и на каналите на Стефан Лазаров.