Голем интерес за „Најсреќниот човек на светот“ во Венеција – продадени сите карти за проекциите

Македонскиот игран филм „Најсреќниот човек на светот“ на Теона С. Митевска е селектиран во програмата Хоризонти на филмскиот фестивал во Венеција, информираат од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.
По премиерата на „Прашина“ на Милчо Манчевски во 2001 година, ова е прв македонски филм што ќе доживее своја премиера во една од официјалните натпреварувачки програми. Филмот на Митевска ќе се натпреварува во неколку категории, меѓу кои најдобра режија и најдобар филм.
Официјалната проекција на филмот „Најсреќниот човек на светот“ е закажана за денеска во 14:15 минути и на 3 септември во 13:30 минути.
„Интересот за филмот е голем, продадени се сите карти за проекциите, Венеција е посебен и најстар филмски фестивал и огромна е честа да бидеме тука“ – изјавија од продукцијата.
Во главните улоги се Јелена Кордиќ Курет и Аднан Омеровиќ, во споредна улога Лабина Митевска, потоа Ана Костовска и Николина Кујача, како и Фирдаус Неби, Џевдет Јашари и Зорица Нушева од Македонија во низа епизодни улоги заедно со Ксенија Маринковиќ од Хрватска, Изудин Бајровиќ, Ирма Алимановиќ, Ведрана Божиновиќ, Мона Муратовиќ, Синиша Видовиќ, Кемал Ризвановиќ од БиХ.
Филмот е копродукција помеѓу Македонија, Словенија, Хрватска, Белгија, БиХ и Данска. Развојот и продукцијата е поддржана од Агенцијата за филм, Creative Europe – MEDIA, Еуримаж, Данскиот филмски институт, Belgium Tax Shelter, Хрватскиот аудиовизуелен центар и Филмскиот фонд од Сараево.
Агенцијата за филм е презадоволна од успехот на филмот досега и очекува успешен прием на филмот кај жирито и кај публиката.
„Најсреќниот човек на светот“ е филм кој всушност говори за тешкотијата на помирувањето, кое е неопходно за да се може да се продолжи со животот во мир после војна. Сараево четири години беше под опсада и тероризиран со снајперски истрели со огромен број невини жртви. Овој филм говори за Асја, четириесет годишна жена која се пријавува на организиран настан за барање партнер. Таму се среќава со Зоран, нејзин врсник, кој е дојден да се запознае токму со Асја, но тој не е дојден таму во потрага по љубов.
Веднаш по Фестивалот во Венеција, „Најсреќниот човек на светот“ ќе има и северноамериканска премиера на InternationalFilmFestival во Торонто кој ќе се одржи од 8 до 18 септември 2022.