Македонија со двајца полуфиналисти во борење на Медитеранските игри
Македонското борење продолжува со одлични настапи на Медитеранските игри во Таранто, каде што двајца наши претставници обезбедија место во полуфиналето.
Реџеп Хајдари стигна до завршницата во категоријата до 94 килограми, иако патот до полуфиналето не му беше без проблеми. Во првата борба македонскиот борач претрпе убедлив пораз од Гркот Дурен Куруглиев со 0-10, но веднаш потоа реагираше на вистински начин.
Хајдари во следната пресметка беше убедлив против Мароканецот Чеки Лахло, кого го совлада со 11-0 и со тоа го продолжи настапот на турнирот. Во полуфиналето го очекува дуел со Французинот Адлан Вишканов, а борбата е закажана за 17:24 часот.
Место меѓу најдобрите четворица обезбеди и Фати Вејсели во категоријата до 74 килограми. Тој оствари две победи, совладувајќи ги Египќанецот Амин Махмуд и Тунижанецот Мехмет Усинов со идентични 4-1.
Следен противник на Вејсели ќе биде Турчинот Јасин Јесил, кој ќе биде последната пречка до големото финале.
Претходно настапот на Медитеранските игри го завршија Могамедгаџи Нуров и Мехмет Усинов. Сепак, Бесар Алили и Ахмад Магомедов сè уште се во игра за пласман преку репасажот.
Со двајца полуфиналисти, македонските борачи имаат одлична можност денеска да обезбедат нови медали за нашата земја.