Македонија сега има четири оперативни транспортни хеликоптери
Државната секретарка во Министерството за одбрана, Елизабета Чуповска, денеска на платформата „100% посветени за тебе на тема „Фокус на правдата, безбедноста и одбраната“ што се одржа во Владата, посочи дека во рамки на Министерството продолжува реализацијата на договорите за набавка на опрема и модернизација на капацитетите на Армијата. За таа намена за наредната година планирано е да се издвојат 4,2 до 4,5 милијарди денари.
– Во овие четири месеци успеавме да го заокружиме и реализираме договорот за ремонт на два транспортни хеликоптери…Сега земјава располага со четири оперативни транспортни хеликоптери, рече таа.
За склучениот договор на МО со италијанската влада за набавка на осум хеликоптери „Леонардо“, Чуповска истакна дека дел од средствата согласно договорот како аванс се уплатени, како и дека се работи за активен договор согласно чии одредби од наредната година почнуваат обврските на македонската страна.
– Она што го затекнавме како состојба, е тоа што веќе беше отворен предмет по договорот пред Антикорупциска комисија. Пред две седмици повторно доставивме ургенција за постапување по предметот. Моментално она што е обврска од наша страна, преземавме активности за формирање комисија за следење на реализацијата на договорот, а ќе постапуваме онака како ќе решат институциите. Станува збор за опрема што е значајна и приоритетна, рече таа.
За наредниот период таа посочи дека се работи на два активни договори, за набавка на лесни оклопни возила од типот „JLTV“ како и помасивните „Страјкер. Чуповска истакна дека дел од „JLTV“-те се стасани, 38 на број, а преостанатите до предвидените 96 треба да пристигнат наредната година. Според неа, веќе е потврдена подготвеноста во АРМ за прием и на потешките оклопни возила „Страјкер“.
Предвидено е наредната година реализација на договорот за набавка на системи за противвоздушна одбрана од Франција, како и договор за набавка на опрема и од Турција.
– Очекуваме оваа година да го задржиме нивото на капитални расходи за модернизација и опрема некаде до 30 проценти, за таа намена да се издвојат 4,2 до 4,5 милијарди денари, што значи во рамки на нивото на НАТО стандардот за над 20 отсто, рече таа.