Македонија се спасува од пластичните ќеси

Пластиката се исфрла од употреба, а се заменува со материјали што се рециклираат, поради тоа што пластичниот отпад сериозно ја загрозува животната средина


Фото: Б. Грданоски

 

Еден месец по воведувањето на обврската за прекин на употребата на пластични ќеси во маркетите, нивната употреба се намалила за 10 пати, а од продажбата по зголемена цена од 15 денари, собрани се околу 250.000 евра.

Отпорот на граѓаните кон оваа мерка се покажа слаб. Остана на коментирање и изразување незадоволство по социјалните мрежи, а во реалноста, секој од нас пазарува со платнени или хартиени торби и десетпати помалку купуваме пластични ќеси.

Иако, ден пред воведување на мерките, 1 декември, во маркетите можеше да се види како граѓаните купуваат цели топови ќеси, по 100 за 100 денари, затоа што од другиот ден требаше истите да ги плаќаат по 15 денари. Коменарите на продавачите беа дека нема повеќе да им ги продаваат, затоа што ако им „снема“ само десет, тоа се 150 денари што од џеб треба да ги надополнат токму тие. По воведувањето на забраната, секој поголем маркет продава торби, со лого или без, кои може да се употребуваат по две и повеќе години. 

Триесетина дена подоцна, сите носиме некоја торба во ранецот или в џеб, па кога пазаруваме, производите ги сместуваме во неа.

Секој Македонец користел по две ќеси дневно

Инаку, според податоците на невладините организации секој Македонец користел по две пластични ќеси дневно, со што се доаѓа до застрашувачкиот податок дека во нашата земја се користеле над милијарда пластични ќеси годишно. Само за споредба, статистиката вели дека Данците користат четири пластични ќеси годишно.

Според Министерството за животна средина, еден голем маркет лани во ноември пред воведувањето на забраната бесплатно делел по 800 илјади кеси, а по воведувањето во декември продал 103 илјади. Друг голем маркет во кој се плаќале кесите месечно продавал по 709 илјади, а сега продава само 147 илјади кеси по 15 денари, со што во декември се собрани 240 илјади евра од продажбата на биоразградливи кеси.

Фото: Б. Грданоски

Планот е овие средства да се искористат за набавка на контејнери за селектирање на отпад, пред се на пластика и конзерви, за што бара поддршка од локалната самоуправа и колективните постапувачи за селекција на отпад.

Пазарниот инспекторат ќе биде задолжен да направи построги контроли за имплементирање на законите, а контролите ќе почнат во поголемите маркети, бидејќи тие се и најголеми потрошувачи на ќеси.

Високи глоби за трговците

Според прекршочните санкции, глоба во износ од 13.000 до 14.000 евра за микротрговци, од 25.000 до 28.000 евра за мали трговци, од 76.000 до 84.000 евра за средни трговци и од 126.000 до 140.000 евра за големи трговци ќе му се изрече за прекршок на правно лице, доколку пушта на пазар пластични кеси за носење стоки, а Законот предвидува казни од 9.000 до 98.000 евра доколку податоците од евиденцијата на квартална основа на бројот на продадените кеси не ги пријавува кај стручниот орган.

Пластиката се исфрла од употреба, а се заменува со материјали што се рециклираат, поради тоа што пластичниот отпад сериозно ја загрозува животната средина. Пример за тоа колку е алармантен проблемот беше фотографијата од мртов кит на Филипините, од чиј стомак научниците извадија 40 килограми пластични кеси.

Во средината на март 2019 година, на собирот на Обединетите нации за животна средина во Најроби, 170 земји ја донесоа одлуката за значително намалување на употребата на пластика до 2030 година. Беше усвоена необврзувачка резолуција за потрошни предмети, како што се пластичните ќеси, а досега 61 земја воведоа некакви мерки за намалување на употребата на пластика.