Уште еден пад на Македонија: Шест места подолу на Индексот за слобода на медиумите
Дезинформации и недостатокот на професионализам во медиумите. Владините функционери имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите

Македонија падна за шест места, од 36 на 42, во Индексот за слобода на медиумите на Репортери без граници (РСФ) и е последна во групата земји каде ситуацијата е „задоволителна“. Во оваа група од регионот се уште само две земји – Словенија која напредувала за 9 места и е 33-та, и Црна Гора погоре за три места и е 37. Сите други се во групите со „проблематична“ или „тешка“ состојба. Индексот опфаќа 180 држави од цел свет.
Норвешка е на прво место и останува единствената земја во светот која ужива „добра“ оценка за сите пет индикатори на Индексот. Таа го задржа своето прво место деветта година по ред, зголемувајќи го водството пред другите земји. Естонија се искачи на второто место, следена од Холандија, која ја престигна Шведска (сега 4) во првите три во светот.
„Иако физичките напади врз новинарите се највидливото кршење на слободата на медиумите, економскиот притисок е исто така главен, поподмолен проблем. Економскиот показател на Светскиот индекс на слободата на медиумите на РСФ сега е на невидено критично ниско ниво, бидејќи неговиот пад продолжи во 2025 година. Како резултат на тоа, глобалната состојба на слободата на медиумите сега е класифицирана како ‘тешка ситуација’ за прв пат во историјата на Индексот“, вели РСФ, организација со седиште во Париз.
Ланскиот резултат на Македонија, 36. место, беше најдобар во досегашното рангирање. Тој беше подобар од 2023, кога Македонија беше на 38. Лани Македонија беше најдобро рангирана во регионот.
Во општата оценка за Македонија се вели: „Иако новинарите не работат во непријателско опкружување, широкораширените дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади. Исто така, владините функционери имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите“.
Во однос на лани, Македoнија има пад во 3 од 5 индикатори. Најголем пад од 9.07 поени има во политичкиот показател, од 4.19 поени во социјалниот индикатор и од 3.66 поени во економскиот показател, а незначителен пораст во 2 индикатора – 0.25 поени во показателот правна рамка и 0.01 поени во показателот за безбедност.
Во показателот правна рамка се заклучува: „Додека уставот ја гарантира слободата на говорот и забранува цензура, земјата бавно го усогласува законодавството за медиумите со стандардите на Европската унија, на која има намера да ѝ се придружи. Процедурите на SLAPP тужбите служат како инструменти за заплашување и притисок врз независните медиуми. Новиот закон со кој повторно се овластуваат националните и локалните власти да се рекламираат во медиумите во приватна сопственост, ја зголеми загриженоста за можното поврзано ширење на влијание“.
Во показателот за безбедност се вели: „Неколку инциденти го намалија чувството за безбедност на новинарите, вклучително и подметнување пожари на нивниот имот и случаи на полициско малтретирање. Од една страна, беше назначен специјален обвинител кој ќе ги води случаите на напади врз новинари во главниот град, а се разгледува и отворањето на слични канцеларии низ целата земја. Од друга страна, новинарите кои известуваат за обвинителите се соочуваат со значителен притисок.
Од РСФ велат дека во време кога слободата на медиумите доживува загрижувачки пад во многу делови од светот, главен – но често потценет – фактор сериозно ги ослабува медиумите: економскиот притисок. Голем дел од ова се должи на концентрацијата на сопственоста, притисокот од огласувачите и финансиски поддржувачи и јавна помош што е ограничена, отсутна или распределена на нетранспарентен начин. Податоците измерени со економскиот индикатор на Индексот на РСФ јасно покажуваат дека денешните медиуми за вести се заглавени помеѓу зачувување на нивната уредувачка независност и обезбедување на нивниот економски опстанок.
„Финансиската независност на медиумите е неопходен услов за обезбедување бесплатни, веродостојни информации кои му служат на јавниот интерес“, велат од РСФ.
Ова е втор извештај од годинава на реномирани институции во кој Македонија паѓа на скалите. Во февруари беше објавено дека Македонија паднала за 12 места на глобалната скала на Транспаренси интернешенел за борба против корупцијата и заврши на 88. место.