Македонија нема со што да ги задржи младите научници во државава


Македонија  е една од поактивните учеснички во COST  програмата за европска соработка во науката и технологијата, што се спроведоа во изминатите два месеци, но и покрај силната подршка од ЕУ, финансиски и преку соработка, немаме начин како да ги задржиме младите научници во земјава.

– Тој тренд на таканаречена бела чума продолжува и во научните кругови. Вработувањата во науката и во истражувањата се ограничени во овој момент и за жал, голем дел од младите ни заминуваат. мораме да развиваме механизми за задржување, затоа што оние најдобрите кога ќе си заминат нема на што да почива напредокот на државата. За жал во моментов немаме некој активен инструмент со којшто ќе речеме дека е еве, ова е одлична можност за наши проминентни, млади научници да се вратат во државата – рече д-р Зоран Поповски претставникот на нашата земја во управниот одбор на оваа програма пред денешната конференција, што се одржува во Скопје.

Македонија бележи учеството на научно – истражувачки работници во 67 од вкупно 70 акции во рамки COST програмата за европска соработка во науката и технологијата, што се спроведоа во изминатите два месеци, ја прави државата еден од поактивните учесници во оваа програма, меѓу земјите во регионот, што беше потврдено вчерана средбата помеѓу министерот за образование и наука Јетон Шаќири и директорот на COST програмата, Роналд Де Бруин што се одржа во просториите на МОН.

На таа средба присуствуваа и претставникот на нашата земја во управниот одбор на оваа програма, проф. д-р Зоран Поповски, како и директорката на Националниот совет за високо образование и научно истражувачка дејност, проф. д-р Гордана Лажетиќ.

Програмата COST е наменета за вмрежување, појаснува проф. д-р Поповски, а македонските научници учествуваат во 80 отсто од активностите, а потенцира дека од 45.000 научници што во овој момент се вклучени во мрежите на COST,  македонските научници учествуваат во 250 такви мрежи.

Поповски очекува од денешните работилници да дојдат предлози како да се зголеми влијанието на COST  и како да се мотивираат млади научници од Македонија да учествуваат во овие програми, иако сме прогласени за најактивна земја од земјите на Западен Балкан. 

Ова е целосно финансирано до Европската Комисија со околу 70 милиони евра за COST на годишно ниво. 

Поповски смета дека македонските научници покрај тоа што се активни во вмрежувањето треба да поработат на истражувања кои се во корист на државата.

Министерот Шаќири изрази задоволство што научниците, истражувачите и иноваторите од државава се проактивни и изразуваат голем интерес за учество во акции за вмрежување и заедничи проекти со колегите од други земји од Европа, потенцирајќи дека тоа е еден од мотивите за постојано зголемување на буџетот кој министерството го двои и вложува во науката и истражувањето и стимулира нови, млади истражувачи, меѓудругото да се вклучуваат и во акциите на оваа програма.

Осврнувајќи се на досегашните постигнувања и идните планови на COST, директорот на програмата Де Бруин потеницираше дека токму основната цел е да се воспоставуваат што повеќе конекции меѓу научно – истражувачките работници од различни земји и региони, кои со свои идеи и иницијативи ќе даваат придонес кон развојот на науката и технологијата, како области кои се стожер на севкупниот глобален напредок.

Средбата му претходеше на инфо-денот за COST што се одржа во просториите на Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ. Денеска пак, државата ќе биде домаќин на годишниот состанок на Комитетот на високите службеници на програмата, во организација на МОН.

Во следниот период пак, МОН ќе организира и неколку работилници на универзитетите во државата, со цел подетално запознавање со целите на оваа програма