Македонија не извезува многу челик во САД, но…
Македонија многу повеќе извезува челик и железо во ЕУ, отколку во САД. Дали излезот е во барањето нови пазари?

Зголемените царини за увоз на челик и алуминиум што ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп и експресниот одговор на ЕУ со контрамерки кои опфаќаат производи од челик и алуминиум, текстил, апарати за домаќинство и земјоделски производи значат вовед во трговска војна меѓу традиционалните економски партнери. Каде ќе се најде малата македонска економија во овој глобален земјотрес?
Бројките покажуваат дека извозот на челик и алуминиум од Македонија во САД е мал. Според податоците од Царинската управа, во 2024 година од нашата земја во САД бил извезен алуминиум и производи од алуминиум во количина од 26.515 килограми со вредност од 10,2 милиони денари (околу 165,8 илјади евра) и производи од железо и челик во количина од 206.378 килограми со вредност од 53,37 милиони денари (околу 867,8 илјади евра). Тоа е прилично малку, ако се има предвид дека САД минатата година увезле железо и челик во вредност од 31,3 милијарди долари и алуминиум во вредност од 27,4 милијарди долари, според податоците на американското Министерство за трговија.
Дали тоа значи дека македонската челична индустрија ќе куртули од трговската војна која ја иницираа американските царини по што следеа и контрамерките од економските титани ЕУ, Кина, Канада и тн?
Од Владата и асоцијациите на стопанствениците се прилично тивки и не излегоа со подетални анализи, за разлика од 2018 година на пример, кога по сличниот потег на претседателот Трамп во неговиот прв мандат, веднаш реагираа од Здружението на металургијата при Стопанската комора на Македонија, при што тогашните протекционистички мерки што ги воведе САД за заштита од увоз на челични производи, но уште повеќе мерките кои ги воведе Европската унија за заштита од увоз на производи од челик, беа оценети дека го ставаат металуршкиот сектор во Mакедонија под сериозна закана.
Инаку, размена на Македонија со САД лани изнесувала нешто над 314 милиони долари, наспроти 320,7 милиони долари во 2023 година, што значи била помала за 2,1 отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Притоа, извозот од Македонија во САД лани достигнал 118,2 милиони долари, што е за 2,2 пати (220 насто) повеќе од претходната 2023 година кога бил 53,6 милиони долари. Истовремено, лани од САД биле увезени производи за 195,9 милиони долари, за 26,6 отсто помалку од 2023 година кога увозот во Македонија од САД бил 267 милиони долари.
Податоците од американскиот Стејт департмент, пак, покажуваат дека „електричните машини и опремата на САД беа особено привлечни за увозниците во Северна Македонија. Главниот извоз во САД е тутун, облека, железо и челик“, стои на интернет страницата на Стејт департментот.
Деновиве, на презентацијата на анкетата на странските инвеститори во земјава, претседателот на УО на „Макстил“, Димитар Цветковски, рече дека оваа компанија не е директно засегната од американските царини бидејќи за земјава има такви царини уште од 2018 година, но може да биде засегнат ако Европската унија воведе слични царини за да се заштити.
„Македонија веќе ги има тие царини и за нас важат од 2018 година наваму. Тоа што би можело да биде ризик за нас е ако Европската унија воведе слични царини за сите производители надвор од ЕУ за да се заштити, бидејќи ние од 60 до 70 проценти од нашето производство го извезуваме токму во ЕУ“, посочи Цветковски.
Тој во подкастот „Каде се парите? со Горан Теменугов“ деновиве изјави дека „Макстил“ бара други пазари и дека во последните години се сконцентрирани повеќе на источниот дел од Европа, значи Полска, Романија, Чешка, Словачка, а во последните години турскиот пазар исто така е многу интересен.
Според податоците за 2023 година, производството во најголем дел (51,1 отсто) беше пласирано во ЕУ, во Турција – 31,4, во останатите европски земји – 9,1 отсто, додека во Канада и САД – 1,5 отсто. На домашниот пазар во Македонија беа пласирани 6,9 проценти. „Макстил“ има повеќе од 500 купувачи во над 40 држави.
Колку Македонија извезува челик во земјите на Европската унија?
Според документ на Генералниот директорат за трговија на Европската комисија за трговијата на стоки со Северна Македонија, вредноста на увозот на челик и железо во ЕУ во 2023 година од нашата земја изнесувал 376 милиони евра или значајни 5,6 отсто од вкупниот извоз, иако ако се земе вкупната размена на ЕУ со светот, станува збор за незначителен дел. Забележливо е дека во 2023 година има пад на увозот на челик и железо во ЕУ од нашата земја и тоа за 34,8 отсто.
Што се однесува до извозот од ЕУ во Македонија, пак, податоците покажуваат дека истата година биле извезени челик и железо за 160 милиони евра, што е 2,4 отсто од вкупниот извоз на ЕУ во нашата земја, со пад од 28,9 отсто во однос на претходната година.
Во документот се наведуваат и податоци за движењето на трговијата за периодот од 2020 до 2023 година, од што може да се согледа дека кај челикот и железото имало тренд на раст од 2020-2022 година. Така, во 2020 година земјите на ЕУ увезле челик и железо од Македонија во вредност од 258 милиони евра, следната 2021 година за 437 милиони евра, а во 2022 година увозот надминал половина милијарда евра односно достигнал 576 милиони евра, за потоа во 2023 година да падне на 376 милиони евра.
Сличен е трендот и при извозот на челик и железо од ЕУ во Македонија: во 2020 година бил во вредност од 152 милиони евра, една година потоа 241 милион евра, во 2022 година бил нешто помал, 225 милиони евра и во 2023 година 160 милиони евра.
Американскиот претседател Доналд Трамп во средата официјално ги зголеми тарифите за целиот увоз на челик и алуминиум на 25 отсто, ветувајќи дека даноците ќе помогнат да се отворат фабрички работни места во САД во време кога неговите закани за тарифите ја потресуваат берзата и ги зголемуваат стравувањата од економско забавување.
Како што пренесоа светските агенции, Трамп ги отстрани сите исклучоци од царините за метали во 2018 година, покрај зголемувањето на царините за алуминиум од 10 отсто. Неговите потези, засновани на директивата од февруари, се дел од пошироките напори за нарушување и трансформирање на глобалната трговија. Американскиот претседател има посебни тарифи за Канада, Мексико и Кина, со планови да го оданочи и увозот од Европската унија, Бразил и Јужна Кореја со наплата на „реципрочни“ стапки почнувајќи од 2 април.
ЕУ во средата објави свои контрамерки. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека додека Соединетите Држави „применуваат царини во вредност од 28 милијарди долари, ние одговараме со контрамерки во вредност од 26 милијарди евра“, или околу 28 милијарди долари. Тие мерки, кои опфаќаат не само производи од челик и алуминиум, туку и текстил, апарати за домаќинство и земјоделски производи, треба да стапат на сила на 1 април.
На истата тема:
И македонската челична индустрија на штрек поради најавените царини на Трамп
Не е само челикот, по најавените царини може да страда целиот македонски извоз во САД