Македонија не е подготвена да прати војници во Украина, за помошта се уште се „консултира“


Македонија во моментов не е подготвена да учествува во евентуална мировна мисија во Украина, а за другата помош , во оружје или во опрема, се уште се прават консултации во институциите, порача денес извор од Министерството за надворешни работи.

„Следи процес на подетално усогласување околу овие прашања“, дополни изворот, додавајќи дека се уште се градат ставови за актуелните прашања со земјите што не се членки на ЕУ, а се усогласени со политиката на Унијата за Украина. 

За Владата гласањето во ОН спротивно од Евриопската унија околу Украина не е разидување со Брисел и факање американска страна, бидејќи, како што се тврди,  ни ЕУ немала усогласена позиција, а САД ни се стратешки партнер со кој имаме договор кој исто така не обврзува. 

„Успеавме да одржиме позиција во ОН што е принципиелна и во рамките на постулатите на надворешната политика – како земја членка на НАТО, земја која има стратешки договор со САД и земја која е партнер на ЕУ“, вели овој извор оценувајќи дека критиките за гласањето во Обединетите нации од страна на опозицијата било резултат – или на сериозно непознавање на состојбите, или на манипулација. 

„Ние гласавме целосно усогласени со САД, а не критикуваат тие што до пред два три месеци викаа дека САД ни се стратепшки партнер. Исто така, ние не мислиме дека САД ни се подобар трговски партнер од ЕУ, ниту пак тоа значи дека не знаеме каде сме географски. Ние не отстапивме ни милиметар од усогласеноста со заедничката европска надворешна политика“, вели овој извор потенцирајќи го потоа значењето на стратешкиот договор со САД со зборовите – Колку земји имаат вакво нешто во моментов?

Иако, како што нагласи, со ЕУ имаме проблем, нашето гласање не било антиевропско, а и дента кога се случи гласањето во ОН францускиот претседател Емануел Макрон бил во Вашингтон и кажал дека САД и Франција се секогаш на вистинската страна на историјата. Според него, перцепцијата за поделеноста на Европа и САД  не соодветствува  со реалноста на теренот.

На инсистирањето да прецизира дали сега Македонија не е стопроцентно усогласена со надворешната политика на ЕУ иако формално немале усогласена позиција за Украина, и дали тоа значи дека оваа Владата веќе не ја смета Русија за агресор, тој одговори дека нашето гласање во ОН не влијае на усогласеноста со Унијата, а вредносно сме застанале зад потребата да се постигне мир бидејќи оценката била дека дошло време за тоа. 

„Јасно е дека ова е деликатен момент, дека има несогласувања во однос на некои прашања меѓу САД и Европа, но очекуваме тоа да се смени“, порача овој дипломат околу констатацијата каква помош можеме да очекуваме од САД за членството во ЕУ, ако тие меѓусебно се караат.   Според него, САД имаат стратешки интерес ние да се движиме кон полноправно членство , а како ќе се направи тоа – зависи од нашата умешност  и на сите чинители во процесот. 

„Најголем дел од нашите дипломатски напори се насочени кон решавање на ова прашање. Факт е дека сакаме дијалог, но и предвидливо решение за спорот со Бугарија. Во официјалното соопштение на бугарското МНР по средбата (на Муцунски) со Георгиев јасно беше кажано дека уставните измени  се само услов за отворање на преговорите со ЕУ. Токму тоа сакаме да го спречиме, на тоа работиме и имаме сериозно разбирање како држава“, порача дипломатот од МНР. Во моментов, додаде тој, нема јасна слика дека по уставните измени нема да има нови услови  поради што нашата позиција и натаму е – „да“ за уставни измени, но со одложено дејство. 

За пораките дека сега е моментумот и дека може да помине, тој потсети дека таков моментум имаше и во 2018 година пред да го решиме спорот со Грција, па потоа се соочивме со француското и  бугарското вето. Притоа најави дека е можно наредните месеци да има средба на нашиот и бугарскиот шеф на дипломатијата во Софија во рамките на меѓународна конференција.

„Не престанавме да бидеме активни и 90 отсто од нашите напори се насочени кон оваа цел (ЕУ)“, уверува овој извор. (С.Ј.)