Македонија, Македонците и крајот на Првата светска војна

Државата Македонија не смее да молчи и има должност рамноправно да учествува во одбележувањето на крајот на Првата светска војна, затоа што стотици илјади Македонци се бореле на едната или на другата страна на фронтот


Се доближува датумот кога одново странските амбасади во нашата земја ќе го одбележуваат крајот на Првата светска војна. На 18 октомври во Горно Јаболчиште беа положени венци на споменикот на четири загинати француски војници од мароканско потекло. Истиот ден слична манифестација беше одржана и на споменикот на други 15 француски војници, исто така од мароканско потекло, во с. Долно Караслари. Слична манифестација имаше и на на 19 октомври на споменикот на француските војници „кои храбро се бореа во Првата светска војна“, поставен во Паркот на франкфонијата во Скопје. На 10 ноември оваа година амбасадите на државите, чии војници во текот на Првата светска војна се бореле и гинеле на територијата на Македонија (Франција, Германија, Велика Британија, Италија, Русија, Грција, Бугарија и Србија), ќе ја одбележат 105-годишнината од примирјето во 1918 година. Ова се прави последниве десетина години и во тие манифестации учествуваат и претставници на македонски институции (Министерство за одбрана, МНР, Министерство за труд и социјална политика, Завод за заштита на културното наследство и др.).

Но каде и кога македонската држава да го одбележува завршувањето на Правата светска војна на нејзината територија?

Во последните три години се крена многу прашина околу заедничката историја на Бугарите и Македонците, на Бугарија и Република Македонија (сега Северна според Преспанскиот договор). Дали се работи за заедничка, споделена или само бугарска историја? Каде биле Македонците во текот на Првата светска војна? Дали непостоењето на македонска држава може да биде основа Бугарија (Србија, но можеби и други држави) да тврдат дека Република Македонија како држава не може да се нареди меѓу државите кои учествувале во Првата светска војна и следствено на тоа нејзини претставници може само да присуствуваат на одбележувањата по повод одбележувањето на 11 ноември, денот на примирјето, што ги прават Бугарија и другите држави учеснички во таа војна наречена Голема.

Каде се Македонците кои гинеле во таа војна како војници или цивили? Каде е територијата на Македонија која била разурната особено на фронтот и се испразнила со заминувањето на нејзиното население во Бугарија и подалеку во САД и Канада? Впрочем, каде е и Македонската револуционерна организација за време на Првата светска војна? Многу прашања кои особено во последно време се поставуваат, но засега нема вистински одговор.

По Илинденското востание, кое Бугарија сега дури и го присвојува, нарекувајќи го Илинденско-преображенско, македонските револуционери собрани во тогашното ВМОРО ја намалиле дури и ја сопреле својата активност за формирање на своја држава за која се бореа во востанието и ја формираа Крушевската Република. Тие кои заминале во Бугарија брзо потоа потпаднале под притисокот на бугарската влада и бугарскиот двор, се определиле за Бугарија, гледајќи си го животот во таа држава. Доброволно или под притисок, тие подоцна учествувале и во двете балкански војни како бугарски војници.

Младите Македонци регрутирани од српските власти во 1914 година се бореле на фронтот на Цер, Дрина и Колубара. Еден дел од нив биле заробени од Австријците или дезертирале. Заробените војници биле пратени во логори во Чешка и Словачка. Тие што починале таму биле закопани во српските воени гробишта во Јиндриховице (Чешка) и во Копчани (Словачка). Србија ги одржува овие гробишта. Дали во тие гробишта има и Македонци, кои како српски војници престојувале во тие логори, не е познато. Но познато е дека Македонците дезертери од српската војска кај Австријанците се пријавувале како Бугари и австриската команда, по проверките, преку Романија ги испраќала во Бугарија. Тие биле прифаќани и по извесен период на прилагодување Бугарија ги праќала на новиот Македонски фронт формиран есента 1915 година. На тој фронт имало Македонци доброволци дојдени од Бугарија и Македонци од Вардарска Македонија, кои биле регрутирани по бугарската окупација.

Еден дел од Македонците како српски војници се повлекле преку Албанија и дошле на Македонскиот фронт од јужната страна. Некои се приклучиле и на француската војска. Во таа ситуација тие се бореле едни против други и гинеле за некоја од завојуваните војски.

Војната заврши и на Париската конференција е потврдена поделбата на етничка Македонија договорена во 1913 година во Букурешт. Македонците во Бугарија „се престроиле“ и Тодор Александров ја поведе организацијата сега со ново име (ВМРО) кон борба за автономна или независна Македонија, како прва етапа кон обединување на сите Македонци како Бугари во Царството Бугарија. Припадниците на Организацијата се поделија на левица и десница и почна братоубиствената војна на улиците во Софија. ВМРО испраќа и тројки да ги убиваат оние Македонци кои се приклониле кон срската власт во Вардарска Македонија, сега наречена Јужна Србија. Овие акции престанаа по 1934 година кога бугарскиот двор и влада решаваат да го растурат ВМРО и да го протераат Ванчо Михајлов во Турција. Во октомври таа година во Марсеј Владо Черноземски го убива српскиот крал Александар.

Со време односите меѓу Србија (сега веќе Југославија) и Бугарија  се подобруваат, но се приближува Втората светска војна  и овие две земји се најдуваат во два табора, една меѓу победниците, другата меѓу победените. Македонците и во оваа војна се поделени. Едни соработуваат со бугарскиот окупатор („администратор“), други како партизани се борат за слобода и формирање на македонска држава. Таква е формирана 1944 година како Народна Република Македонија во рамките на нова Југославија. Следува  формирање на македонски државни, културни, образовни и верски институции, се стандардизира македонскиот јазик. Оние кои се определиле за бугарскиот окупатор беа судени. Некои биле стрелани како соработници на окупаторот и предавници. Бугарската страна тврди дека осудените во 1945 и 1946 година биле Бугари и поради тоа биле судени и убивани. Софија бара да се отворат архивите за овој период. Се зборува за „Крваво коледе“ и се споменува неверојатна бројка од 20.000 Бугари кои биле ликвидирани или судени од новата комунистичка власт во Македонија (Југославија).

По Втората светска војна Македонците почнуваат да ја пишуваат историјата на македонската држава и нација. Во тоа пишување можеби имало и претерувања со истакнување на новиот македонски наратив, но тоа било правено како одговор на историскиот наратив на соседите. А секој наратив на Балканот е националистички. Во такви услови, заради зацврстување на кохезијата на македонската нација, која се појавува многу подоцна од другите балкански нации, користена е и историјата во функција на идентитетска афирмација. Во еден период се претера во тоа особено со антиквизацијата.

Се разбира дека во такви услови лесно можеше да се дојде до инструментализација на историјата поради политички цели. Преспанскиот и Договорот потпишан во Софија ги вратија работите назад. Но тука почна и голготата што сега ја доживуваме. Под притисок на Грција и поради желбата Република Македонија да стане членка на НАТО, со Преспанскиот договор се смени името на државата со последици кои ги доживуваме и овие денови да мора да ги менуваме и документите и за внатрешна и за надворешна употреба. Тоа од друга страна даде и лош сигнал кај источниот сосед и тој „да ја искористи шансата“ и да се обиде да ја промени историјата на државата и нацијата, што ние како Македонци ја знаеме, односно што сме ја учеле во македонските школи. Се бара таа да биде прифатена како заедничка историја (бугарска) до 1944 година, а потоа да ја нарекуваме македонска, но со бугарско непризнавање на нацијата и јазикот како македонски. А државата може да фигурира со името Северна Македонија, но како втора бугарска држава.

Бугарските барања во вид на француски предлог-преговарачка рамка (модифицирани и намалени), со која се согласи актуелното македонско раководство, без да води сметка за ставот на опозицијата и за немањето двотретинско мнозинство во Собранието, се појавуваат како европски предлог. Следствено на тоа од Бугарија се слушаат гласови „Вие не преговарате со нас туку со Европската унија“. Иницијаторите и предводниците на овие бугарски претензии и претерани дури и националистички побарувања не се веќе во новиот бугарски парламент. Но бугарските политичари и особено историчари не се откажуваат од содржината на документите усвоени во бугарското собрание. Тие документи ги има и во Брисел.

И да се вратам на почетокот на овој текст и на дилемите кои се поставуваат пред македонската јавност. Дали и како државата да ги одбележува настаните што се одвивале на нејзина територија пред сто години? Французите веќе се свесни дека мора и јавно да прифатат дека во војската што ја довеле на македонска територија имало и војници кои биле собирани (регрутирани) во француските колонии во Африка. Новите држави (Сенегал, Алжир, Мароко, Тунис) со право претендираат дека загинатите војници по потекло од тие земји се претци на сегашните жители на тие сега слободни држави. Исто како и Република Македонија што има право да претендира дека оние Македонци, кои се бореле на Македонскиот фронт како српски или бугарски војници, се претци на сегашните Македонци.

Бугарија мора да прифати дека дедо ми Трифун, кој присилно бил регрутиран да се  бори на Беласица како бугарски војник, е мој предок и јас со право можам да барам на македонска територија да се изгради споменик на сите оние војници Македонци кои загинале во Големата војна. Затоа и државата Македонија има право и должност нејзините надлежни органи рамноправно да учествуваат во одбележувањето на Првата светска војна, како што тоа го чинат амбасадите на странските земји во Скопје чии војници се бореле на Македонскиот фронт (1915-1918).

И за крај, ако една Грција, која во Првата светска војна беше присилена дури во 1917 година да се вклучи на страната на Антантата, пред пет години изгради посебен споменик на гробиштата Зентинлик во Солун и своето учество го одбележува секоја година, зошто и Република Северна Македонија да не изгради споменик на загинатите војници и цивили Македонци? Таков споменик има изградено и Хрватска за загинатите Хрвати во униформа на Австро-Унгарија.

(Благој Зашов е поранешен амбасадор и сегашен генерален делегат на француската организација Сувенир франсе)