Македонија лани била меѓу трите земји со најзагаден воздух во Европа


Македонија е на 34 место во светот, а на второ во Европа според загадувањето на воздухот со ПМ честички. Извештајот за 2025 година, објавен на платформата „Ај-кју-ер“ ја рангира земјава веднаш зад Босна и Херцеговина, а пред Србија, со коефициент 21,2, што значи надминување на максималните вредности на ПМ 2,5 честичките за три до пет пати.

Најзагадени градови во земјава минатата година биле Тетово и Струмица, со коефициент од 27,3, што значи дека вредностите на ПМ 2,5 биле пет до седум пати над дозволените граници. На 18 место на листата е Гостивар, а на 31 и 32 место се Кичево и Куманово. Скопје е на 113 место со коефициент од 19,1.

Ова е осмиот годишен Извештај за квалитетот на воздухот во светот на платформата, на кој може да се види дека Македонија лани имала најнизок просек на загадување на воздухот, во споредба со претходните години, кога коефициентот надминувал 35, односно алармирал за покачени вредности на ПМ 2,5 и до десет пати. Најзагадени месеци биле јануари, февруари и декември, а најчист воздухот бил во април и мај. И Скопје, минатата година имало најмало  загадување на воздухот во споредба со претходните години. Од 2018 година наваму коефицирентот опаѓа секоја година од над 30 до под 20.

„Ај-кју-ер“ секоја година прави анализа на податоците за глобалното загадување на воздухот од со користење на податоци од мониторинг станици од 9.446 градови во 143 земји, региони и територии. Споредено со претходниот извештај, 54 земји регистрирале зголемување на годишниот просек на PM2.5, 75 забележале пад, две останале непроменети, а 12 биле ново претставени во овогодинешниот збир на податоци.

Извештајот нотира дека само 14 отсто од градовите во светот го исполниле годишното упатство на Светската здравствена организација (СЗО) за PM2.5 од 5  микрограми на кубен метар, што е намалување за 17 отсто.

Најчистите држави во светот кои целосно го исполнија годишниот просек на СЗО за PM2.5 се Француска Полинезија, Порторико, Американски Девствени Острови, Барбадос, Нова Каледонија, Исланд, Бермуди, Реунион, Андора, Австралија, Гренада, Панама и Естонија.

Петте најзагадени земји, пак, минатата година биле Пакистан, Бангладеш, Таџикистан, Чад и Демократска Република Конго. Лони во Индија е најзагадениот град, со годишна просечна концентрација на PM2.5 од 112,5 µg/m³ – зголемување од речиси 23% од 2024 година и повеќе од 22 пати над упатството на СЗО. Њувудвил, Јужна Африка, беше најчистиот град во светот, со годишна просечна концентрација на PM2.5 од 1.0 µg/m³.

Вкупно 25 најзагадени градови во светот се лоцирани во Индија, Пакистан и Кина, а во Индија се три од четирите најзагадени.