Македонија конечно има амбасадор во Париз


 

Новоименуваниот амбасадор на Македонија во Париз, Игор Николов, ги предаде  акредитивните писма на претседателот на Француската Република, Емануел Макрон.

Со ова официјално започна неговиот дипломатски мандат во Париз, со цел унапредување на билатералните односи, зајакнување на соработката и продлабочување на партнерството меѓу двете земји, објавија од француската амбасада во Скопје. 

Македонија од поодамна немаше амбасадор во Франција поради блокадата што како претседател на Комисијата за надворешна политика ја спроведуваше за амбасадорските места Антонио Милошоски. Последен што требаше да замине во Париз беше поранешниот директор на АНБ, Виктор Димовски, но одлуката за неговото именување од март 2022 година беше повлечена.  

Николов практично е првиот амбасадор што го именуваше владата на ВМРО-ДПМНЕ откако дојдe на власт. Иако во Македонија на прсти се бројат докторите, тие сѐ повеќе звршуваат во  дипломатијата или на политички позиции. Николов нема никакво дипломатско искуство и единствен допир со дипломатијата му е тоа што беше неформален советник на француската амбасада во Скопје и советник на премиерот Христијан Мицкоски, исто така за здравство.

Николов е нефролог и во неговата биографија објавена на веб-страницата на Медицинскиот факултет пишува дека бил на стручен и научен престој во болницата Некер во Париз, во лабораторија на Клиниката за нефрологија. Во 2009 година завршил докторски студии на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Пјер и Марија Кири“ во Париз.

Тој самиот на својот профил на Фејсбук напишал дека е доктор на медицински науки, вонреден професор на Медицински факултет при УКИМ, поранешенчлен на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Централна комисија за здравство на ВМРО-ДПМНЕ.