Македонија ќе се пече на 42 степени, Скопје нема како да се разлади

Денеска е жешко, викендов ќе биде уште пожешко. Сега кога е најпотребна водата, во Скопје се затвораат чешмите кои беа заштитен знак на градот


Во Скопје се бара секоја сенка (Фото: Б. Грданоски)

 

Македонија деновиве е под портокалов аларм со температури над 40 степени, а викендот се очекуваат екстремни горештини. Tемпературите во следните три дена ќе достигнуваат и до 42 степени Целзиусови.

Од Управата за хидрометеоролошки работи најавија дека од денеска до средината на следната седмица на повеќе места ќе биде активирано портокалово ниво за опасност од високи температури. Исклучок ќе има в недела, кога, според синоптичарите, во попладневните часови ќе има изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи, но температурите сепак ќе се искачат до 42-от степен.

Ни ноќните температури не паѓаат под 20 степени. Tака, според евиденцијата на УХМР во 20 часот, најниските измерени температури се 19 степени на Попова Шапка, а највисоките во Велес, Кавадарци и во Струмица, каде е измерена температура од 34 степени Целзиусови.

Наутро во 8 часот пак, температурите се движат од 19 степени во Берово, до 30 степени во Нов Дојран.

Носете шише вода и лесна, светла облека

Од Институтот за јавно здравје препорачуваат граѓаните во овие ексремно топли денови со себе да носат шише вода, да имаат лесна, светла и комотна облека, да се тушираат со посвежа или млака вода кога чувствуваат дека им е топло, да се носи капа, шешир или чадор за заштита, доволно да се спие, да се јаде овошје и салати, да се избегнуваат алкохол, кафе, чај, како и топла, зачинета и солена храна што може да дехидрира.

Фото: Б. Грданоски

Надлежните советуваат активностите на отворено да се спроведуваат пред 11 и по 17 часот. При престој на отворено, да се биде во сенка. Доколку се престојува во затворен простор со вклучено ладење од клима-уред, препорачливо е да се исклучи климата барем половина час пред да се излезе надвор на топло. Тоа, со цел човекот полесно да се адаптира на температурната разлика.

Бројни колабирања

Сувото и жешко време придонесе да се големи бројот на колабирања. Луѓето паѓаат во несвест на работни места и на улица. Лекарите советуваат да не се излегува надвор по 11 часот и пред 17 часот попладне кога горештините се најголеми. Се препорачува да се остане во климатизирани простории и да се внесуваат многу течности и свежо овошје и зеленчук.

Фото: Б. Грданоски

Не е мал ни бројот на инфаркти кои се случуваат поради летните горештини, забележуваат лекарите.

Скопје прегоре

Скопје гори под летното сонце. Улиците на главниот град се празни во текот на денот, но оние малку граѓани кои излегле да завршат некоја работа мора со себе да носат шише студена вода, затоа што јавните чешми кои во градот ги има близу 200, не работат. Особено во центарот на градот, на плоштадот и на кејот покрај Вардар, секоја втора чешма е сува.

Фото: Б. Грданоски

Според податоците што неодамна ги собра здружението „Еквалис“, преку проект што го работеле заедно со уметничкиот колектив „Партизанска штампа“, избројале дека од 120 чешми во општините Кисела Вода, Центар и Аеродром, 31 чешма не работи. „Водовод и канализација“ ги има исклучено повеќето чешми затоа што претпријатието бара општините да ги преземат сметките за потрошувачката на вода од нив, а тие пак не го прифаќаат тоа.

Скопје не може да се разлади ни во аква-паркот, кој годинава ќе остане затворен, како што минатиот месец, преку социјалните мрежи информираа од аква-паркот. Одлуката тој да остане затворен е на претходната управа, а пред само неколку дена бил назначен и нов директор, но одлуките за негово евентуално отворање ќе се однесуваат за идната сезона.

Фото: Б. Грданоски

Скопјани се жалат дека во топлотниот бран немаат каде да се разладат. Велат дека во главниот град нема доволно базени, но немаат ни каде да ги однесат гостите од странство, кога ги посетуваат за време на летните одмори.

Главниот град ги затвори и оние малку разладни места што ги имаше, почнувајќи од јавните чешмички, преку аква-паркот, а за дополнителни мерки за намалување на ефектот од горештините како воопшто и да не размислува. Нема најави за поставување повеќе чешми, нема најави за засадување повеќе зеленило, а и тоа што го има не се наводнува. Улиците инцидентно се мијат, па воздухот е полн прашини, што дополнително го отежнува дишењето на граѓаните. 

Како се справува регионот?

Не е само Македонија зафатена од топлотен бран. Истиот проблем, некаде дури и поголем го имаат и соседните земји. Но, затоа градоначалникот на Атина најавува поставување повеќе јавни чешми, засадување дрвја за зголемување на зелениот појас, а отвори и центри за ладење, каде постарите може да престојуваат цел ден на климитаизирано. 

Во Србиј, медиумите јавуваат за екстремни горештини во следните неколку дена со препораки, исто како кај нас, луѓето да не излегуваат надвор ако не мораат, да седат во климатизирани простории, да пијат многу течности и да носат лесна облека. 

Со совети за заштита одат и властите во Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина.

За време на претходниот топлотен бран, на 21 јуни, електричната мрежа се распадна во Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска и Албанија.