Македонија ќе набави современ систем за противвоздушна одбрана од Франција
Во овој момент не постои конкретна закана за напад врз нашата држава, меѓутоа инвестициите во одбрана се дел од стратегискиот одбранбен преглед и дел од сите долгорочни планирања, изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска, во однос на најавата за набавка на современ систем за противвоздушна одбрана од Франција.
Петровска, посочи дека замената на противвоздушниот систем кој го имаме е една од обврските и тоа е проект којшто е започнат пред неколку години.
– Станува збор за финализирање на договорот, кој веќе неколку години се следи постапката на преговарање со различни производители, испитување на понудената опрема од стручен тим од Армијата и она што во петокот беше презентирано пред собраниската Комисија за одбрана и безбедност, практично е финалниот документ, појасни Петровска, во изјава за медиумите по денешниот брифинг во Министерството за одбрана.
Вкупните финансиски импликации од овој договор се 66 милиони евра, а Петровска појасни, дека исплатата ќе биде во период од четири години.
– Вложувањето во одбраната треба во континуитет да се следи, заради тоа што на таков начин ја извршуваме основната функција на Министерството и на Армијата, а тоа е заштита на националните и државните интереси, изјави Петровски.
Министерството за одбрана, во петокот пред собраниската Комисија за одбрана и безбедност, информираше дека Министерството за одбрана пристапува кон набавка на современ систем за противвоздушна одбрана, а за кој ќе склучи договор со Министерството за одбрана на Република Франција.
Како што информира МО, станува збор за повеќегодишна набавка на систем за противвоздушна одбрана на мали височини, кој треба да ја унапреди борбената готовност на Армијата, а кој е предвиден согласно Планот за опремување и модернизација на Армијата.
Како НАТО членка, безбедноста на нашето небо ја гарантираат сојузничките воздухопловни сили, а набавката на системот за противвоздушна одбрана е комплементарна во целокупниот одбранбен систем на државата.
Од МО, исто така, информираа во изминатите две децении, не е извршена набавка на систем за противвоздушна одбрана кој е потребен пред сè за поддршка и заштита на припадниците на Армијата, заштита на институциите, и зголемување на безбедноста и сигурноста на граѓаните на Република Северна Македонија.