Македонија ќе купува 150 електрични автобуси со кредит „влада со влада“ од Унгарија


Фото: Б. Грданоски

 

Уште едно позајмување од Унгарија е на дневен ред на владата, овој пат за купување 150 електрични автобуси за Скопје и други градови.

Тоа го објави премиерот денеска во Собранието како одговор на пратеничко прашање на Билјана Кузмановска. Но премиерот не кажа колкав ќе биде износот на тој кредит, туку само дека каматата ќе биде 3,25 отсто според договорот „влада со влада“.

„Постапката е веќе почната, средствата ќе ги обезбедиме од влада со влада стратешкото партнерство со Унгарија, во најголем дел, а помал дел обезбедени од буџет под услови подеднакво добри како што претходно беше и оној прв договор за кредитно задолжување со Унгарија“, рече Мицкоски.

Тој објасни дека овие 150 автобуси ќе бидат распределени во сите општини во кои има организирано јавен градски превоз, односно Скопје ќе добие 100, а останатите општини ќе добијат 50 автобуси.

„Околу Скопје за намалување на аерозагадувањето е Градскиот воз, чија што прва делница сега се прави, а потоа ќе следат втората и третата. Очекувам заедно со БРТ системот и новите проекти во делот на гасификацијата, односно когенерацијата, заедно со производство на електрична енергија и топлина во периодот кој следи драматично да се намали аерозагадувањето. Обезбедено е финансирањето под услови исти како што имавме со претходниот заем, три години грејс период, каматна стапка од 3,25% минимум за останатиот период до 15 година отплата во рамките на стратешкото партнерство со унгарската влада“, објасни Мицкоски.

Според податоците што може да се најдат на интернет еден обиечен електричен автобус подобро опремен чини од 300.000 до 600.000 евра. Тоа значи дека овој кредит би бил од 50 до 70 милиони евра, а можеби и повеќе.