Македонија ќе користи искуства од Чешка од областа на енергетиката


Во организација на Амбасадата на Чешка во Скопје, денеска, се одржа Форум за енергетика и технологија помеѓу Северна Македонија и Чешка, на кој присуствуваше првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, како и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.

Како што посочи Меџити, повод за денешниот Форум е зајакнувањето на економската соработка помеѓу двете земји, како и промовирањето на технологии и системи за рудаство и производствена енергија.

– Вашето присуство денес е потврда дека Република Северна Македонија се наоѓа на мапата на земји со сериозен потенцијал за развој и инвестиции за рударскиот и енергетскиот сектор. Рударството и производството на електрична енергија не се само економски сектори, тие се темели на индустрискиот и технолошкиот развој, но денес повеќе од кога било тие мора да бидат во чекор со современите предизвици, енергетската транзиција, заштита на животната средина и дигитализацијата, рече Меџити.

Зелената транзиција не е само енергетски процес, вели Меџити, туку и клучен еколошки и развоен чекор за иднината.

– Како Министерство, нашата задача е да ги интегрираме иновациите и технолошките решенија со одржливото просторно планирање и меѓународната соработка. Со оваа стратегија, создаваме здрава, отпорна и конкурентна средина која ќе им обезбеди подобра иднина на следните генерации, вели Меџити.

Настанот, додаде, претставува значајна платформа за размена на идеи, искуства и иницирање нови форми на соработка меѓу институции, бизниси и експерти од двете земји. Вели во делегацијата од чешки бизнисмени има европски примери за тоа како се инвестира во енергетика, имајќи предвид како да се заштити животната средина, бидејќи како што рече, тие имаат искуство од минатото и го познаваат регионот и нашиот енергетски сектор.

– Делегацијата од чешки бизнисмени добро е што имаат европски примери за тоа како се инвестира во енергетика, имајќи предвид како да се заштити животната средина. Тие и во минатото имаат искуство и го познаваат регионот и нашиот енергетски сектор, работеле во бивша Југославија и други наши сектори, во исто време со европски практики, рече Меџити.