Македонија ќе ја поддржи програмата за ТВ серии на ЕУРИМАЖ


Владата денеска на седница ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од учество на Република Северна Македонија во пилот-програмата за копродукција на сериска телевизиска програма на ЕУРИМАЖ и го прифати текстот на Договорот меѓу Советот на Европа и Министерството за култура на Северна Македонија за финансирање на проектот „Поддршка на програмата за телевизиски серии“.

-ЕУРИМАЖ, како што е објаснето од предлагачот, Министерството за култура, е фонд за културна поддршка на Советот на Европа, којшто е основан во 1989 година и во којшто членуваат 38 држави од 46 членки на Советот на Европа, вклучително и Kанада. Фондот промовира независно снимање филмови преку обезбедување финансиска поддршка за производство на долгометражен игран, анимиран и документарен филм. Вкупниот годишен буџет на ЕУРИМАЖ за оваа намена изнесува 27 милиони евра, соопшти прес-службата на Владата. 

Република Северна Македонија е членка на ЕУРИМАЖ од 2003 година и преку овој фонд се поддржани голем број македонски играни и документарни филмови.

-А со учеството на нашата држава во оваа програма, продуцентите ќе се стекнат со право директно да ги пријавуваат своите копродукциски проекти како мнозински копродуценти и во случај проектот да добие поддршка, средствата ќе се уплаќаат директно на македонскиот продуцент. Копродукциите создаваат можност за широка дистрибуција на серијата и прикажување на медиуми во други држави.